Дванаесетто издание на Малиот новогодишен саем на книги на Темплум
Книгоиздателство Темплум по 12-ти пат го организира Малиот новогодишен саем на книги, кој ќе се одржи од денеска до 30 декември во книжарницата „Гладно срце“.
Во рамки на книжевната програма на настанот ќе се одржи и традиционалното доделување на наградите „Новите!“ за дебитантски прозен ракопис и „Лифт“ за македонски стрип.
Новогодишното саемче ќе биде отворено со двојно претставување на прозните книги на Александра Нашевска „Ходник кон амнезија“ и „Разнишан свет“ на Ирена Јурчева.
– Еден од многуте аспекти за кои ќе поразговараме се дистописките мотиви кои се заеднички за двете книги. Низ неформален раговор двете млади авторки ќе споделат и за своите креативните механизми на пишување и истражувачкиот процес, наведуваат од издавачката куќа.
Доделувањето на наградите и промоциите на наградените публикации ќе се одржи утревечер, во 20 часот во КСП Центар-Јадро.