Дванаесетте странски државјани со КОВИД-19 во Гевгелија се чешки гранични полицајци


Дванаесетте странски државјани заразени со КОВИД-19, посочени во денешниот извештај на здравствените власти се чешки полицајци кои ја чуваат македонско-грчката граница. Како што јавија повеќе медиуми, полицајците биле без симптоми, но по добивање на резултатите од тестовите се во изолација, како и триесетина нивни колеги со кои имале контакт.

Овие полицајци се дел од мешаните полициски патроли на границата со Грција и тие требало деновиве да се вратат во нивната земја.

Во Гевгелија е зголемен и бројот на позитивни случаи на КОВИД-19 во градот, што според лекарите се должи на недисциплината на граѓаните, како и на враќањето од годишните одмори на лица кои биле во соседните земји.