Дванаесет Величествени
Кон премиерата на „12“ во МНТ, во режија и адаптација на Синиша Евтимов
Јелена Лужина
По повеќе години репертоарско-продукциски „компромиси“, несомнено објективни (ама, тоа е некоја сосема друга приказна…), Македонскиот народен театар својата јубилејна сезона – осумдесеттата по ред! – куражно ја отвора со дури три нови премиери. Изведени во текот на само еден неполн месец.
Куриозумот го „дополнува“ речиси надреалната најава дека, до крајот на оваа година – 2024, дотичниот МНТ планира да изведе уште три. Премиери. Нови. „In bocca al lupo“ велат Италијанците. Или, во буквален превод: „Волкот да (не) те изеде“. Со векови наназад (и нанапред), овој „ќошлест“ театарски идиом традиционално се изговара како мантра, пред кревањето на завесата на која било опера, драма, балетска изведба… Театарџиите се, во принцип, хередитарни тремаџии. Традиционално суеверни. Ако им кажеш „со среќа“, би можеле и да се сопнат. Побезбедно е да им потскажеш да се чуваат од волците! Особено од оние кои ѕиркаат од гледалиштето.
*
Најновата од трите овосезонски премиери („12“, театрализација искомбинирана од два антологиски филмови: на Сидни Ламет, [1957]; и на Никита Михалков, [2007]) ја изгледав на последната генерална проба (19 ноември), седејќи во преполнетото гледалиште, еднодушно и навивачки еуфорично, со причина. И со право.
Што несомнено подразбира и троа „театролошки коментар“ на изгледаното. Попатно: во текот на изминативе десетина-петнаесет години, пак се соочуваме со трендот на таканаречените „инсценирања“ и/или „театрализирања“ на прочуените филмови „од минатото“ и нивните „нови читања“, што е несомнено интересно. Дури и предизвикателно, да не речам „истражувачки потентно“. Се разбира, и комерцијално, особено кога театарот диспонира со актерскиот потенцијал што „целуилоидната имагинација“ од минатото вчас може да ја „префрли“ во жива претстава, дури и да ја „натфрли“/„освежи“, имено: да ја „доближи“ до таканаречената „структура на чувствителноста“ на денешните гледачи.
Ансамблот на МНТ тоа и го прави, победнички супериорно. Дури и да не знаеме ништо за репертоарската стратегија (и тактика) на МНТ – јас навистина не знам ама баш ништо! – лаконски ќе заклучиме дека оваа претстава е правена исклучиво заради својот, тој и таков, машки ансамбл: „откачен“, „слободоумен“, супериорен во секоја смисла, креативен до пароксизам (и назад), искусен до вишните неба, непобедлив! Никогаш во историјата на македонскиот (драмски) театар – а нешто за таа историја навистина знам! – никогаш и никаде немало волку и вакви арслан актери, јунаци кои буквално можат да ја поместат планетата Земја! Имало, се разбира, едночудо маркантни и моќни машки протагонисти – Прличко, Џувалековски, Милчин (Илија), Шишков, Стојановски (Ненад), Чоревски (најмалку двајца!), Јовановски (Мето), Ристоски (Кирил)… – ама никогаш и никаде, во исто време и на исто место, коцкичките не се совпаднале во полза на таквата актерска дванаесетка „од соништата“.
Добро, знаеме сите: во оваа претстава, како и во секоја друга, не сите дванаесетмина актери треба да се носат со еднакво димензионираните задачи. Или ролји. Но – повикувајќи се на основното театарско правило дека нема големи и мали ролји, туку само „поголеми“ и „помали“ актери – МНТ-овата претстава „12“ беспоговорно го подвлекува крајниот резултат на беспрекорниот „колективен труд“ на ансамблот: тимската игра „сите за еден, еден за сите“! И тоа перманентно, во сите деведесетина минути, со отворен гард и без здив, сите!
Ретка глетка! Во која дванаесеттемина просто си уживаа „до балчак“, поигрувајќи се со репликите, со партнерите, со публиката, со контекстот…
Кастирани, сценаристички, според бројките, а не според „личните имиња“ на ликовите, овие Дванаесет Величествени во претставата „12“ се: Ѓорѓи Јолевски (1), Гораст Цветковски (2), Тони Михајловски (3), Никола Ристановски (4), Благој Веселинов (5), Александар Микиќ (6), Игор Џамбазов (7), Јордан Симонов (8), Сенко Велинов (9), Оливер Митковски (10), Владо Јовановски (11), Сашко Коцев (12).
За да не „останат“ актерски безлични и „нумерички обопштени“ ликови-функции („присутни граѓани“, „конвенционални“ поротници кои, во филмот на Сидни Ламет носат граѓански одела и вратоврски, а во филмот на Михалков „неутрална“/„безлична“ облека) – костимографот Александар Ношпал „12-ката“ ја облекол строго персонализирано. Несомнено со намера да им ги дефинира карактерите. Сите до еден – сите од 1 до 12 – визуелно се и „човечки“ карактеризирани до најситен детаљ. За да бидат различни, бидејќи во текот на претставата различно агираат (ги менуваат мислењата и страните). Наместо да асоцираат на античкиот хор (како кај Ламет) или на „обични“ гневни луѓе (како кај Михалков), овие дванаесетмина се костимографски персонализирани „спектрално“, строго поединечно, до најситен детаљ.
Детерминираниот сценски простор – сценограф: Мартин Манев – луцидно е отворен од „двете“ страни: дел од публиката седи на самата сцена, останатите се во гледалиштето, помеѓу нив се актерите. И нивните дванаесет стола, плус масата околу која се наредени. Ненужниот „додаток“ на ваквиот сценски диспозитив се интервенциите во двата портали, „дополнувани“ со некакви „надоградени“ врати и прозорци, божем веристички, сосема излишни.
Иницијатор и режисер на проектот „12“ е опитниот Синиша Евтимов. Неговата последна режија во МНТ беше Олбиевата драма „Кој се плаши од Вирџинија Вулф“, пред десетина години, со сјајни актери.