Дванаесет поени за Тамара, кец за менталитетот


До кога ќе кукаме дека некој друг ни е виновен за нашето чувство за пораз, дури и во моменти кога не сме поразени? Настапот на Тамара Тодевска е најдобриот пласман во историјата на нашето учество на „Евровизија“. Тоа е факт. Заврши меѓу првите десет изведувачи и тоа со најдобри резултати што ги дадoa стручни жири-комисии. Добивавме 12-ки од земји кои, можеби, и не знаат да нè најдат на картата на светот, ниту со старото, ниту со новото име.
Тоа што во текот на бодувањето Тамара беше на врвот на листата беше добра промоција воопшто за земјава. Знам, сега повторно следува вечната дебата околу името од типот „која земја беше на врвот?“, „Северна не постои“, „Едно име имаме“ и слично. И тоа е во ред, ама Тамара не е виновна за тоа. За она за што таа е „виновна“ е неприкосновениот талент, моќниот глас, става… Добриот тим околу неа исто така има „вина“ – ѝ направија добар фустан, ѝ направија добра песна, сценскиот настап беше одличен… Толку за тоа.
Мене ме загрижува една друга работа, а тоа е колективната благоречено хистерија со која се удри по дијаспората и како тие не гласале, па поради нив не сме победиле. Не знам дали гласале или не или дали гласале помалку отколку во претходните години. Не знам ниту дали навистина ја бојкотирале нашата преставничка оти настапуваше со новото име на државата – Северна Македонија. Вистината е некаде помеѓу и веројатно нема да ја дознаеме.
Од друга страна се зборува дека се водела кампања за промоцијата на новото име и за градење нов идентитет и тоа токму преку комерцијален настан што го следат 200 милиони гледачи во светот. И за тоа нема да знаеме дали е вистина.
Можеби и не е толку страшно што се повикуваше да се гласа за наша земја на забавна манифестација, ама сите повици беа упатени кон оние што се отселени. Никаде во тие пораки не прочитав некој да ни се обрати нам што сме уште тука и што немаме право да гласаме за Тамара. Да речеше, гласајте за најдобрата песна, оценете кој настап ви се допаѓа најмногу, изградете став, макар бил и погрешен, индивидуален е и ваш е. Па така од една забавна манифестација да почнеме да ги вреднуваме квалитетите, а после да ги примениме и дома.
Ако за ваква работа се прави толкав притисок, замислете што се случува во другите „сериозни“ сегменти. За некакви си избори, на пример. Јасно ми е дека ни треба колективна радост, било да е тоа за спортска, културна или забавна победа. Ни треба да се порадуваме оти заборавивме да се смееме искрено од душа.
Е сега, дилемата ми е зошто толку се кука и се плаче дека луѓето, дијаспората, пријателите од странство не гласале масовно за ние да победиме. Агресивното врескање дека баш ние требаше да победиме е на линија меѓу патриотизмот и она зборчето на „Н“ против кое се бориме.
А, замислете да победеше? Тоа го помислив додека беше на врвот на листата во текот на гласањето. Имав измешани чувства, се радував и ме фати страв. Кој ли ќе нè трпеше цела една година додека дојдеше моментот да се одржи „Евровизија“… во некоја сала во Белград, оти ние наша немаме. Или кој ќе ги следеше сите тие тендери за да се покрие Градски стадион, за да се изгради монтажна сала.
Без разлика на сè, резултатите се такви какви што се. Осмото место на Тамара не е пораз и треба да се нотира дека целиот тим околу неа добро ја заврши работата.
Тамара, главата горе! За твојот талент за кој дома досега се шепотеше, минатава недела Европа викаше на глас. За некој ден ќе најдеме друга тема за плукање.

Ивана Настеска