Двајцата со корона вирус се на Клиника, возачот на автобусот се враќа со нови патници од Италија

Двајцата сопружници кај кои вчера е откриен корона вирусот од синоќа се наоѓаат на Инфективната клиника во Скопје и се во стабилна здравствена состојба со лесна форма на болеста, но поради возраста се во ризична група. Лекарите ќе ја следат состојбата, ќе се интервенира по потреба во ситуација да има влошување, а подготвени се сите капацитети, изјави денеска на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.

„Епидемиолозите најдоа уште девет други исто во околината на нивното место на живеење кои биле во близок контакт со пациентите коишто се сега на Клиника. На сите нив им е дадена, препишана и им е назначена домашна изолација и здравствен надзор од страна на епидемиолозите и од страна на Државниот здравствен и санитарен инспекторат, рече Филипче.

Додаде дека сите други патници се исто така идентификувани, а сите се исконтактирани телефонски.

„Кај дел од нив веќе се завршен анкетите. Кај сите нив ќе биде исто така назначена домашна изолација и здравствен надзор од страна на Инспекторатот. Еден од патниците е жител на Албанија, за идентитетот во текот на вчерашниот ден го известивме албанското Министерство за здравство, рече Филипче.

Информира дека возачот во изминатите неколку денови повторно заминал на тура за Италија, а вчера било укажано дека денеска се очекува да стигне во земјава.

„Пред половина час пристигна на граничниот премин Табановце. Автобусот ќе биде ставен на страна, патниците ќе бидат ставени во една посебна просторија во сопственост и менаџирање на Царинската управа, додека возачот ќе биде прегледан, ќе биде тестиран и што и како ќе се направи понатаму во однос на препораките на оваа нова тура патници ќе зависи од резултатот од анализата на тестот на возачот. Што значи дека е направен целосен увид, веќе се започнати контактите, дел се и интервјуата завршени, дел ќе продолжат и во текот на денот на сите сопатници кои на 27 февруари влегле во земјава заедно со двајцата пациенти коишто се сега хоспитализирани, истакна тој.

Рече дека точната бројка на патници во автобусот е 28, од кои едниот е возачот, другиот државјанин на Албанија и двајца заразени, значи 24 други директни контакти на двајцата други пациенти се уште десет луѓе, пријатели и членови на семејството – тоа се околу 34 луѓе на кои ќе им биде назначена домашна изолација и надзор. Тие луѓе се од Скопје, Тетово, Дебар, Охрид и Велес, рече Филипче.

Рече и дека е целосно подготвен и објектот за изолација во Демир Капија, кој е како дополнителен капацитет на инфективните одделенија во Штип, Велес и во Гостивар.

„Тоа е објект што е нов што е изграден од страна на МТСП во делот во Демир Капија е на страна целосно изолиран и сметаме дека е добро место да доколку се изнуди потреба за дополнителен број на луѓе коишто би биле во изолација со цел да се олесни практично надзорот, како и работата на епидемиолозите, но и на припадниците на МВР дека тоа треба да биде едно место каде што тоа ќе се спроведува. Дополнително на овие три инфективни одделенија како ќе се направи и во кој момент ќе се направи ќе зависи од моменталната ситуација доколку се изнуди потреба да тоа се спроведе, изјави Филипче.

Посочи и дека останува апелот на граничните премини сите кажуваат вистинити податоци.

„Веќе имаме жаришта не само во Северна Италија, расте бројот во цела Европа. Има случаи во Германија, има случаи и Шпанија, во Франција. За сите важи да кажуваат вистинити податоци, дали биле во контакт со заболени, дали тие имаат симптоми, а за нашите граѓани препораките за спроведување на личната хигиена, често миење на раце согласно тоа што го дистрибуираме во медиумите како препораки, рече Филипче.

Повтори дека патниците кои се вратиле од странство да не се јавуваат на матичен лекар, доколку развијат симптоми.

„Тоа е нешто на што апелираме од почетокот на епидемијата. Ќе добијат здравствена услуга, земање на брис во домашни услови и тоа е целта на сите мерки. Во постојана комуникација сме и со претставници на СЗО, во моментот нема други препораки, рече тој.

„Во рана фаза многу е тешко да се види дали станува збор за типичен грип или настинка. Малаксаност и главоболка можат да значат било што. Еве уште еднаш апел да се внимава на сите податоци што се даваат, рече тој.