Двајцата браќа умреа од корона за три дена


Црнило го зави домот на семејството Ѓерѓеви од Кавадарци, пишува порталот MMС. За три дена згаснаа животите на браќата  Марјан и Горан Ѓерѓеви. Марјан ја загуби битката со корона вирусот пред три дена, на само 26 години, а денес почина и неговиот помал брат, 21 годишниот Горан, кој ќе биде погребан утре на гробиштата во Кавадарци.

Да биде судбината потажна, ова семејство пред пет години го загубило столбот на семејството, нивната мајка. Починала од компликации од свински грип,  на само 40 години.  Позитивен на вирусот е и нивниот татко, кој се лекува во домашни услови, а веќе се прости од двајцата сина. Тој останува да живее со неговиот најголем син  Ѓорѓи (29),  кој е женет. Нивните роднини и пријатели и сите кои ги познаваа,  не можат да поверуваат дека се случи ваква трагедија.

Марјан Ѓерѓев, кому короната му го зеде животот на 26 години

Кавадарчани кажуваат дека се работи за чесни, домаќини луѓе. Марјан бил возач на автобус во кавадаречка компанија. Се занимавале и  со одгледување на пчели.  Горан, пак, неодамна дипломирал.

„Се радуваа на животот. Беа среќни. Никој не можеше да замисли дека за само неколку дена ќе не напуштат и двајцата. Голема трагедија е и за семејството,  но и за нас другарите и пријателите“, низ солзи ни рекоа нивни блиски пријатели.

Веста за смртта на Горан денеска ги погоди сите во Кавадарци. Соседите на Ѓерѓеви кажуваат дека плач и лелек  се слушало од нивната куќа, а страшната вест брзо се проширила низ градот.

„Тешко е… Пред три дена го испративме Марјан. Сега и Горан. Зарем има поголема болка за едно семејство, да испратиш засекогаш две млади души од овој свет? Како ли само ќе продолжи да живее нивниот татко и нивниот брат со ова огромна загуба и болка?“, велат соговорниците.

Лекарите потврдија дека двајцата браќа кои починаа од компликации,  направени од корона вирусот,  имале  апластична анемија, што било и сериозен коморбидитет. И двајцата најпрво се лекувани во ковид одделот на кавадаречката болница, но по влошувањето на состојбата се препратени на Инфективна клиника, каде и ја загубија битката. На Горан состојбата му се влошила во кавадаречката болница  и тоа само неколку часа по смртта на неговиот брат Марјан.

Горан Ѓергев, шочина денес на 21 година

Сочувство до семејството испраќаат сите граѓани на социјалните мрежи. Не само тие што им биле блиски или што ги познаваа, туку и цела Тиквешија не може да се соземе од оваа семејна трагедија. Сите велат дека денес е тажен ден за Кавадарци.

„Трагедијата е огромна и нема зборови кои можат да дадат утеха на семејството Ѓерѓеви  во овие моменти. Заедно со Советот на Општина Кавадарци изразуваме длабоко сочувство до таткото на починатите братчиња и нивниот брат и поширокото семејство“ напиша Јанчев и нагласи дека општината е подготвена за помош на семејството погодено од големата трагедија

Преземено од порталот ММС