Двајца ученици од Битола одат на светска олимпијада по природни науки

Олимпијадата треба да се одржи во Богота, Колумбија, но најголем проблем е како да се обезбедат пари за шестмина натпреварувачи од Македонија да стигнат до таму


Искра Нечаковска и Олег Трајковски се талентирани, државата треба да поведе малку повеќе грижа за да учествуваат на натпреварите

 

БИТОЛА – Искра Нечаковска (14) и Олег Трајковски(15), ученици во прва година од гимназијата „Јосип Броз Тито“ од Битола се дел од државниот тим на Македонија кој ќе учествува на 19.Меѓународна јуниорска  олимпијада по природни  науки  (IJSO 2022)  што  ќе  се  одржи  во  Богота, Колумбија, од 2‐12 декември 2022 година. На олимпијадата ќе учествуваат национални тимови од околу 50 држави од цел свет, а oвие наши млади талентирани битолчани се дел од државниот тим од 6 учесници,  кои по шести пат ќе учествуваат на ова светско натпреварување. Подготовките течат, но тимот ги нема потребните средства за да се покријат трошоците за патувањето.

Квалификацијата на двајцата млади битолчани во олимпискиот тим е успех и за битолското образование. Тие во конкуренција од 90 ученици  од 8 и 9 одделение кои во учебната 2021/2022  година освоија награда на еден од државните натпревари по физика, хемија и биологија организирани од Здружението на физичарите на Македонија, Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија и Македонското биолошко друштво и успеаја преку два селекциски натревари да си обезбедат место во шестчлениот национален тим.

Сега националниот тим се подготвува за заминување за Колумбија, иако сѐ уште не се во целост обезбедени финансиските средства потребни за заминување. Покрај шесте натпреварувачи тимот вклучува и тројца ментори‐водачи од Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје. Се работи за износ од околу 950.000 денари кој вклучува трошоци за котизација и за авионски билети.

За жал, иако речиси секоја година тимот се враќа назад со освоени медали, државата досега не покажала волја да им го олесни финансиски товар и подготовките на семејствата и системски да го реши прашањето за финансирање на подготовките и учеството на националниот тим на ова престижно натпреварување. Сите членови на националниот тим конкурирале за  делумно спонзорство од Агенцијата за млади и спорт од програмата за млади и талентирани ученици и го добиле со што барем дел од трошоците за патување на националниот тим се обезбедени, со исклучок на Искра, која е одбиена затоа што сѐ уште не наполнила 15 години.

„Сите деца конкурираа во Агенцијата за млади и спорт за финансиска поддршка во програмата за млади и талентирани лица, ама само Искра ја одбија заради фактот што сѐ уште нема наполнето 15 години, а според нивниот правилник, категоријата на млади ги опфаќа само лицата од 15 до 29 години.

Овој проблем со Агенцијата за млади и спорт се провлекува уште од првата година кога учествуваше наш тим на олимпијадата, но сепак еве и шест години подоцна никој не се заинтересирал за да најде начин да се поддржат и деца кои се млади и талентирани, но не се доволно возрасни за да влезат во категоријата млади“, објаснува Оливера Нечаковска, мајка на Искра. 

И додека родителите се задолжени да ги покријат трошоците за учеството, Искра и Олег заедно со врсниците од тимот во Скопје сериозно се посветени на подготовките за претстојната олимпијада. 

Од октомври сите членови на тимот учествуваат во редовни неделни подготовки на ПМФ- секој петок и сабота менторите на тимот од катедрите по физика, хемија и биологија им држат предавања и практична настава од 9-16 часот на волонтерска основа.

Друштвото на физичарите на Македонија, кое е носител на организацијата и подготовките преку родителите на учениците има испратено барања за спознорства до стопанството, на кои сѐ уште се чека одговор.

Единствено, како што информираат родителите на Искра и Олег, од Општина Битола се согласиле финансиски да  го помогнат учеството на нашите ученици на Олимпијадата, во рамките на нивните буџетски можности.