Двајца ученици избркани од средното „Владо Тасевски“ поради сексуални навреди кон професорка
Скандалозни сексуални навреди упатени од ученик кон професорка, доведоа до бркање на две млади момчиња од средното скопско училиште Владо Тасевски – ПТТ . Еден од учениците, незадоволен што треба да вклучи камера при испрашување, почнува да упатува навреди кон професорка, која пак решава да му стави единица за полугодие и да го пријави случајот до класниот раководител. Исечок од случката се најде на социјалната мрежа „ТикТок“ поставена од друг ученик.
„Денес заседаваше наставничкиот совет и едногласно донесе одлука да ги исклучи двајцата ученици. СУГС Владо Тасевски е училиште во кое се почитуваат кодексот на однесување, правилникот за изведување на онлајн настава и секоја повреда ќе ја санкционираме“, велат од училиштето.
Министерството за образование и наука неодамна им испрати на училиштата документ во кој се наведени препораки за однесување на наставниците и на учениците за време на наставата на далечина.
„Камерите треба да бидат вклучени освен ако поради технички причини, слаба конекција, чести падови на врската, наставникот не наложи поинаку. Микрофонот треба да биде исклучен, освен кога ученик одговара на прашање или не му е јасно нешто поврзано со наставната материја. Се препорачува одржување и следење на онлајн-часовите на тивко место во домот, со оглед дека сите ученици на часот може да ги чујат звуците во заднина на тој што зборува (звук од телевизор, лаење на домашни миленици и слично)“, стои во документот.
Од МОН појаснуваат дека постојат одредби во кои се предвидени законски постапувања во случаи на нарушување на угледот на наставниците.