Двајца специјалисти и четворица здравствени работници од болницата во Штип болни од ковид-19


Вкупно шест здравствени работници од штипската Клиничка болница се позитивни на Ковид-19, меѓу кои и доктор специјалист – инфектолог. Една медицинска сестра од Одделението за ортопедија на штипската Клиничка болница е позитивна на Ковид-19, по што уште тројца здравствени работници од ова одделение се во изолација. Ова го потврди директорот на болницата, Ален Георгијев.

– Во моментот кога е потврдено дека сестрата е позитивна, епидемиологот настапи и препорача кој од персоналот треба да биде во изолација. Се работи за две сестри и еден болничар. Мала е веројатноста, но треба да се постапи со изолација додека не се утврди дали имаат корона вирус – изјави Георгијев.

Интересен е случајот од изминатите денови, кога на Ортопедија бил донесен пациент со повреда, подготвен за операција. Меѓутоа, поради тоа што не работел апаратот за рендген, тој бил препратен за третирање во Скопје.

– Беше вратен назад, па утредента повторно го пративме во Скопје каде беше примен во болницата „8 Септември“ и отпосле дознавме дека е позитивен на корона вирус – рече Георгијев.

Еден анестезиолог и четворица заболени здравствени работници од Ковид-19 има и од Инфективното одделение, а еден е задржан на болничко лекување. Дел од персоналот што беше во изолација откако беа во допир со заболена пациентка се со негативни тестови и по изолацијата се враќаат на работа. Се работи за еден инфектолог, осум медицински сестри и еден болничар.

На инфективното одделение во Штип моментално се хоспитализирани девет позитивни пациенти и пет пациенти кои се сомнителни на корона вирус.