Двајца руски навивачи добија три и 10 години затвор за насилство на Еуро-2016 


 Судот од Буш-ди-Рона ги осуди руските навивачи Михаил Ивкин и Павел Косов на три и 10 години затвор, кои беа прогласени виновни за насилството врз англиски навивач во Марсеј, кој почина за време на насилните инциденти на маргините на натпревар од Евро-2016 година, јави дописникот на МИА.

Михаил Ивкин, кој беше притворен од февруари 2018 година, треба да биде ослободен „до крајот на неделава“, а неговата казна е речиси опфатена со претходната мерка привремен затвор во очекување на судењето, изјави неговиот адвокат Жулиен Пинели. Павел Косов, сепак ,ќе се најде в затвор.

На двајцата, исто така, им беше забрането влегување на француска територија во траење од 10 години.

Пресудата, изречена по четиричасовно одлучување, е помалку строга од бараните казни. Во петокот, јавниот обвинител побара „меѓу 14 и 15 години“ затвор за Косов, максимум за намерно насилство што резултираше со трајна попреченост. И „не повеќе од пет години“ за Ивкин.