Двајца Руси и еден Украинец се виновни за соборувањето на авионот на „Малезија ерлајнс“, пресуди холандскиот суд
Двајца Руси и еден сепаратист Украинец се прогласени за виновни во отсуство за масовно убиство за нивната вмешаност во соборувањето на летот 17 на „Малезија ерлајнс“ над источна Украина во 2014 година, пресуди холандскиот суд во четвртокот. Тие се осудени на доживотен затвор.
Четвртоосомничениот, Русин, беше ослободен од судот.
MХ17 беше на пат од Амстердам за Куала Лумпур на 17 јули 2014 година, кога беше застрелан на небото над територијата што ја држеа проруските бунтовници во источна Украина.
Во инцидентот загинаа сите 298 луѓе во авионот, вклучувајќи 15 членови на екипажот и 283 патници од 17 земји. Соборувањето на авионот се случи во раната фаза од конфликтот меѓу проруските сепаратисти и украинските сили.
На четворицата осомничени, Русите Игор Гиркин, Сергеј Дубински и Олег Пулатов, и на украинскиот сепаратист Леонид Харченко, им се судеше во отсуство во текот на две години, во Судскиот комплекс Шипхол во Бадховедорп, Холандија. Ослободен е само Пулатов.

Пресудата на холандскиот суд доаѓа девет месеци откако Русија започна целосна инвазија на Украина и неколку недели откако Москва се обиде нелегално да анектира четири украински региони, вклучително и областа каде што обвинителите велат дека проектилот што го собори МХ17 бил истрелан осум години порано.
Холандскиот суд утврди дека ракетата „Бук“ од руско производство била употребена за соборување на летот 17 на „Малезија ерлајнс“.