Двајца погодени во нога, се пука низ Скопје

Во три одделни инциденти во Скопје било употребено огнено оружје, при што еден маж е погоден во натколеница, а друг во ногата, соопшти МВР.

Имено, во четвртокот, во 22 часот во СВР Скопје било пријавено дека во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ со повреда бил донесен Р.Б.(68) од Скопје.

Според пријавеното, во неговиот продажен објект на бул.„Никола Карев“ околу 21.30 часот дошле Е.С.(33), Н.С.(56) и Џ.С.(27), сите од Скопје и физички ги нападнале неговите синови Е.Б.(41) и Е.Б.(27). Р.Б. од горниот кат се симнал да види што се случува, при што Е.С. од пиштол испукал еден куршум и го повредил во десната надколеница, по што напаѓачите избегале. Увид на местото извршила екипа од СВР Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Истиот ден, околу 12.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека пред фирма на ул.„Скупи“, по претходно недоразбирање, настанала физичка пресметка помеѓу О.Б., И.Б., М.М. и М.М.М., вработени во фирмата, од една страна, и М.Ш. со неколку други лица, од друга страна. Според пријавеното, во физичката пресметка биле користени тврди предмети, а во еден момент О.Б. испукал еден куршум во воздух, по што го вперил пиштолот кон М.Ш.. При пресметката, со тешки телесни повреди се здобил М.М., констатирани во болницата „Св.Наум Охридски“, каде бил пренесен за укажување на лекарска помош. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Во средата, во 14.30 во СВР Скопје, А.Р.(30) од Скопје пријавил дека на 10.07.2020 околу 15 часот, додека со Е.Н. и Р.Н. седеле пред угостителски објект во населба Бутел, во нивна близина неколку лица го нарушиле јавниот ред и мир со физичка пресметка, при што се слушнал истрел од огнено оружје, кој го погодил пријавителот во ногата. Увид на местото извршила екипа од СВР Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.