Двајца лекари и три медицински сестри од струмичката болница позитивни на Ковид-19

Двајца лекари, три медицински сестри и двајца административци од струмичката болница се позитивни на Ковид-19 и се во домашна изолација, потврди директорот на ЈЗУ „Општа болница Струмица“, д-р Наќе Гогов.

Според него отсуството од работа на лекарите и сестрите се чувствува во секојдневното работење и тешко се организира работата на одделенијата од каде се заразените.

-Обезбедуваме персонал од другите одделенија, каде што нема позитивни. Засега успеваме, но тешко.Тие се веќе седум денови во изолација и се надевам дека бргу ќе се вратат на секојдневните обврски, рече директорот Гогов.

Информираше дека се полнат капацитети во болницата каде се примаат ковид-пациенти. Во дополнителниот адаптиран простор на поранешните хирурушки амбуланти има слободни само два кревети, додека капациетите на Инфективното оделение се оддамна полни.

-Доколку не почне да се намалува бројот на заразени во нашата општина, тогаш и првиот спрат од новиот болнички крак ќе го подготвиме за прием на ковид-пациенти, додаде директорот на струмичката болница, д-р Гогов.

Инаку, од почетокот на пандемијата во Струмица се регистрирани вкупно 328 инфицирани од коронавирусот, а од нив активни се 151.