Дваесет години од смртта на Кенеди Помладиот : Длабоко во себе, тој беше само Џон


САД – На 16 јули 1999 година, Џон Ф. Кенеди Помладиот полета од аеродромот во Њу Џерси со својот мал едномоторен авион, заедно со неговите патници: сопругата Каролин Бесет Кенеди и нејзината сестра Лорен Бесет.

Околу еден час откако полетале, околу 9:40 часот, Џон наишол на густа магла и ја изгубил контролата. Авионот почнал да паѓа и се урнал во водите во близина на островот Мартас Винјард, при што загинаа сите тројца.

„Да знаеше Џон дека ќе замине на 38 години, тој сигурно немаше да сака да биде заборавен“, вели Роуз Мари Теренцио, блиска пријателка која работела и како личен асистент на Џон, а потоа и како шеф на кабинет за време на неговиот ангажман како уредник на списанието „Џорџ“.

„Не станува помалку тажно со текот на времето, и тоа е нешто што секогаш ќе биде тажно“, вели Теренцио, која пишувала за Џон и Каролин во нејзините мемоари во 2012 година, „Прекината бајка“ (Fairy Tale Interrupted). „Важно е луѓето да го паметат. Тој беше дел од американската историја“.

Многу се пишуваше за Џон во пресрет на 20-годишнината од фаталната авионска несреќа. Минатата недела имаше промоција на нова биографија „Незаинтересираниот принц на Америка“ напишана од неговиот пријател и историчар Стивен М. Гилон, кој откри човек кој бил многу посложен отколку што знае светот.

„Тој велеше дека е две различни личности“, изјави Гилон неодамна за списанието „Пипл“. „Тој рече дека ја игра улогата на Џон Фицџералд Кенеди Помладиот, син на претседателот. Но, длабоко во себе, тој беше само Џон“.

Како постаро дете на убиениот светски лидер, Џон „се носеше со својата слава и потеклото со таков интегритет“, вели Теренцио.

„Тој го разбираше своето потекло и беше внимателен со него“, вели таа. „Тој го употребуваше само во корист на поголемото добро. Тој никогаш не направил интервју, освен ако имало тоа интервју некаква поголема цел. Секогаш беше најважно како тоа би помогнало во некоја цел“.

Џон секогаш беше опкружен со прашања за неговиот љубовен живот, како и за неговите професионални цели и можноста за живот во политиката бидејќи светот го следеше секој негов потег.

Сопругата Каролин, која била моден публицист кога се запознала со Џон, „беше ексцентрична и имагинативна“, изјави Џон Пери Барлоу за списанието „Пипл“ во 2017 година. „Таа беше своја. Жената за која секој читал воопшто не беше каква што беше во реалниот живот“.

Близок пријател на Каролин и Џон, кои имале нашироко позната страсна и понекогаш бурна врска, изјавил: „Со неа никогаш не му беше здодевно“.

Лорен, другата сестра која загина во авионската несреќа,опишана како нова банкарска ѕвезда во „Морган Стенли“ и едвај една година постара од Каролин, „беше толку скромна, но толку паметна и подготвена“, се сеќава нејзин соработник.

Непосредно пред неговата смрт, Џон стана свесен дека политиката е во неговата ДНК, исто како што беше за неговиот татко и чичковци пред него. Во деведесеттите години тој работеше како уредник на списанието „Џорџ“, списание кое беше комбинација на поп-култура и политика и постигна голем успех со своите насловни, вклучувајќи го и првото издание со Синди Крафорд облечена како Џорџ Вашингтон на насловната. Списанието се затвори две години по смртта на Џон.

Гледајќи назад, таа за својот поранешен шеф и ментор вели: „Тој беше толку смирен. Секогаш кога ќе влезеше во некоја просторија, тој ќе подадеше рака и ќе речеше: „Здраво, јас сум Џон“. Се разбира, сите присутни знаеја кој е тој. Тоа беше неговиот начин да направи сите да се чувствуваат релаксирано. Тој ја бараше најтивката личност во просторијата, или можеби некој што изгледа како да му е непријатно, и токму на таа личност тој ќе ѝ пристапеше. Тој одеше на другата страна од просторијата да разговара со некој што можеби се чувствува како да не припаѓа таму. Тој секогаш ги поддржуваше срамежливите“.