Два патни правци во Кривопаланечко ќе се изградат со грантови


 Општина Крива Паланка доби грант за изработка на проектно -техничка документација за два локални патни правца. Проектите се во вредност од околу 35.000 долари, грант од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

-Градоначалникот Сашко Митовски потпиша договор за финасирање на проектно-теничка документација за реализација на приоритетни инфраструктурни проекти, два значајни патни правци во Крива Паланка : локален пат во м.в. Крстата падина со мост на Крива Река и изградба на локален пат село Градец – село Осиче. Со договорот општината добива финансии во висина од 35 000 долари, обезбедени преку Програмата за развој на Обединетите нации ( УНДП) во рамки на проектот „ Јакнење на општинските капацитети за имплементација на проекти – Фаза 2 “, финансиран од страна на Шведска агенција за меѓународна соработка СИДА и Бирото за регионален развој, информира службата за комуникација со јавност во Општина Крива Паланка.

Со овие средства се вложува директно во подготовка на проекти за кои во претстојниот период ќе се работи на изнаоѓање средства за финансирање и имплементација на истите.

Обезбедувањето проектно техничка документација за бројни проекти е пракса што во изминатите две години Општина Крива Паланка го прави интензивно, за што, како што посочуваат од локалната самоуправа, за 24 месеци се вложени рекордни 350.000 евра.