Два пати најавено, ниту еднаш почнато етапното реконструирање на студентските домови


Студентски дом „Кузман Јосифовски - Питу“ (Фото: Б.Грданоски)

Етапната реконструкција на сите девет државни студентски домови ќе започне во втората половина на годинава. Во првата фаза која ќе се заокружи за 18 месеци од почетокот на градежните работи, целосно ќе се реконструираат студентските домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски – Питу“.

Како што информираат од МОН, економските оператори кои се одбрани во постапката за претквалификација, а согласно правилата на KFW развојната банка која заедно со Европската унија е финансиер на овој капитален проект, веќе доставуваат финансиски понуди и по избор на најекономичната ќе се склучи договор за изведба на работите.

Студентски дом „Гоце Делчев“ (Фото: Б. Грданоски)

– Владата на Република Северна Македонија, односно Министерството за образование и наука склучи договор за обезбедување на средства во износ од 25 милиони евра за реконструкција на сите девет државни студентски домови во Скопје, Прилеп, Битола, Штип и Охрид. 20 милиони се заем од KFW развојната банка, додека пет милиони евра се грант преку Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан (REEP+) на Европската Унија. Реконструкцијата која подразбира замена на сите позиции во домовите – електрични и водоводни инсталации, фасади, топлотни системи, врати, прозорци, молерисување, опремување и така натаму, ќе се одвива во три фази, потсетуваат во денешното соопштение од МОН.

Во втората фаза, како што велат од Министерството, е предвидена реконструкција на студентските домови „Томе Стефановски-Сениќ“, „Никола Карев“-Охрид, „Браќа Миладиновци„-Штип, „Народен херој Орде Чопела“-Прилеп, кои е предвидено да бидат NZEB (Near zero energy building), а во третата фаза реконструкција на мензата на студентскиот дом „Гоце Делчев“ и на студентските домови „Кочо Рацин„ – Битола и „Пелагонија“. Почетокот на градежните работи е предвиден во првата половина на 2024 година.

Студентски дом „Стив Наумов“

Инаку оваа реконструкција, во октомври лани властите најавија дека ќе почне во март годинава и дека ќе трае 30 месеци, па се очекуваше таа да заврши во септември 2025 година. Колку ќе се пролонгира сега, останува да видиме.

Од МОН тогаш најавија дека реконструкција на сите девет државни студентски домови во рамки на проект за енергетска ефикасност, за што веќе е започната постапка за избор на изведувач.

Студентски дом „Пелагонија“

– Во рамките на проектот за енергетска ефикасност на студентски домови, кој предвидува целосна реконструкција на сите 9 државни студентски домови, веќе е започната постапка за избор на најповолен изведувач на градежните активности и се очекува да заврши до крајот на 2022 – истакнаа од МОН.

– Средствата што се издвоени за реконструкција на студентските домови „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Стив Наумов” се околу 10.000.000 евра. Се очекува да се започне со градежни работи во март 2023 година. Реконструкцијата на студентските домови се очекува да трае 30 месеци од започнувањето на работите – соопштија од МОН.