Два пати македонски кандидат за „Балканика“: Кој е Владимир Јанковски?


Стручната комисија за избор на нашиот национален претставник во трката за престижната книжевна награда „Балканика“, во состав: проф. д-р Елизабета Шелева, претседател, проф. д-р Александар Прокопиев, член, и Блаже Миневски, со мнозинство гласови ја избраа книгата „Скриени желби, немирни патувања“ од писателот Владимир Јанковски.

На конкурсот годинава до организаторот, издавачката куќа „Магор“, пристигнаа осум книги: Луан Старова  – „Генералот и пеперутката“, Дијана Петрова – „Не правете им сенка на гробовите“, Жарко Кујунџиски  – „Сфинга на гневот“, Владимир Јанковски  – „Скриени желби, немирни патувања“, Србо Ивановски  – „Изодениот пат“, Филип Клетников  – „Записи на стражарот (Видено под ноќна светилка)“, Влада Урошевиќ  – „Безразборна лабараторија“ и Владо Јаневски  – „Чудо зад аголот“.

Стручната комисија  образложи дека ова дело се одликува со инвентивна, мозаично развиена структура, реторичка питкост и свежина, пред се, благодарение на неконвенционалниот пристап и експериментална разиграност со жанровските протоколи на романот.

– Наративната поетика на ова дело останува доследна и препознатлива, по забележителната економичност на раскажувањето, концизноста, „аскетизмот“, кондензацијата, суптилно поврзаните фрагменти и вешто изведени, а лаконски поенти, произлезени од повеќегласноста на самата приказна и нејзиниот панорамски спој од (раз)лични биографски минијатури, се вели во образложението.

Досегашни добитници на наградата од Македонија се Венко Андоновски со „Папокот на светот“ и Александар Прокопиев со „Човечулец“.

Кој е Владимир Јанковски?

Јанковски работел како уредник во издавачката куќа „Темплум“, а потоа преминал во издавачката куќа „Магор“.

Влегол прилично доцна на македонската книжевна сцена, и тоа како прозаист и како критичар, истражувач, преведувач, промотор и организатор на книжевни манифестации. Неговото прво дело, романот „Вечно сегашно време“ влегол во најтесниот избор за наградата на роман на годината на „Утрински весник“. Во 2015 година, Јанковски ја објавил својата втора книга „Невидливи љубови“, во издание на „Антолог“ за кое го добива „Рациновото признание“ во 2016 година.  Овој роман бил избран за македонски претставник за меѓународната награда „Балканика“ истата година.  Покрај тоа, Јанковски е автор на книгата разговори со Влада Урошевиќ и книгата со фотоесеи, потпишана заедно со фотографот Иван Блажев.
Основни творечки опсесии на Јанковски се љубовта и градот, урбаноста. Во таа смисла, тој е дел од генерацијата кои целосно ги отфрлија големите, историски, метанаративни или постмодернистички теми и кои во својот фокус го имаат секојдневниот живот. Притоа, тој е под големо влијание на надреализмот и најревносен ученик на Влада Урошевиќ.

Фондацијата Балканика е основана во 1996 година, од страна на релевантни издавачки куќи од седум држави од Балканот: Северна Македонија, Бугарија, Србија, Албанија, Грција, Турција и Романија. Седиштето на Балканика се наоѓа во Софија, Бугарија, а претседател е писателот, и издавач Николај Стојанов. (Л.С.)