„Два опита (Конески и Старделов)“ – промоција на нова монографија од Иван Џепароски


„Два опита (Конески и Старделов)“ од проф. д-р Иван Џепароски е новата книга чија промоција  ќе се одржи на 5 март (вторник) 2024 година во Салата за седници на Филолошкиот и Филозофскиот факултет при УКИМ, во 13 часот.

Промотори се проф. д-р Ана Димишковска и проф. д-р Вангел Ноневски, кои се и рецензенти на книгата.

„Монографијата Два опита (Конески и Старделов) претставува оригинално конципирано, консеквентно изведено и длабински промислено дело, во кое е изложен врвен аналитичко-критички и херменевтички пристап кон аспектите што ги поврзуваат делата на двајцата великани на современата македонска интелектуална и книжевна култура – Блаже Конески и Георги Старделов. Повеќеслојноста на оваа монографија се изразува во фактот што таа не само што нуди драгоцени информации за нивниот живот, дело и творечки искуства, туку ги елаборира и суштинските аспекти од нивниот придонес на планот на книжевноста, книжевната критика, естетиката и филозофијата“, истакнува проф. Димишковска.   

„Книгата Два опита (Конески и Старделов) претставува уникатен придонес кон нашата културна, филозофска и академска средина. Одбирајќи да ги претстави двајцата интелектуалци чии академски кариери биле заемно испрепелетени, авторот погаѓа во суштината на одбраната тема: овие двајца великани да се престават не како засебни фигури (иако и таквиот пристап би бил легитимен), туку како дејци чиј ангажман бил меѓусебно испреплетен и надополнувачки“, забележува проф. Ноневски.

Промоцијата е во соорганизација на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Филозофскиот факултет.