Два македонски тима во конкуренција за глобална награда на НАСА
Два македонски тима составени од девет девојки и момчиња на возраст од 15 до 19 години ќе не претставуваат на светскиот натпревар за иновации за Земјата и Вселената – NASA Space Apps Challenge во организација на вселенската агенција НАСА и ќе имаат можност да ги презентираат своите проекти пред врвни експерти.
Двата победнички тима интензивно работеа и по завршувањето на домашното издание и во текот на изминатава недела дополнително ги унапредија своите решенија со поддршка на менторите. Тие се сега во трка за една од шесте глобални награди од НАСА со можност да добијат покана за посета на Kennedy Space Центарот во Флорида и да присуствуваат на полетување на ракета во текот на 2021 година.
Изминатиот викенд Скопје беше дел од најголемиот хакатон во светот, NASA Space Apps
Challenge на кој земаа учество над 25.000 учесници од 200 виртуелни локации на пет
континенти. Во земјава натпреварот привлече 120 учесници кои развиваа вештини за иновативно решавање на сегашни и идни предизвици
На виртуелната церемонија за прогласување на најдобрите обраќање имаше Лук
Захнер, канцелар за односи со јавност на Амбасадата на САД во земјава, а ексклузивно предавање за учесниците одржа Николас Скајтланд, заемник шеф на NASA за технолошки истражувања. За време на церемонијата им беа доделени трофеите и наградите за прво место на членовите на тимот AtomZ составен од Матеј Милосиевски (16), Орхан Багашов (17), Андреја Поповиќ (17) и Тео Китановски (15), сите од Средното училиште Јахја Кемал, за Второ место на членовите на тимот EXCEL-erators составен од Јана Мајнова (18) од гимназијата Јосип Броз, Никола Лазаревски (19) и Бисера Петроска (19) од Факултетот ФИНКИ, Никола Индовски (19) од Факултетот ФЕИТ и Бојана Стефаноска (18) од Универзитет во Нова Горица.
Наградата People’s Choice (избор на публиката) му припадна на тимот MySystems од Гостивар составен од членовите: Седеф Ќамили (19), Исра Азизи (18) и Мустафа Ести (19). За најдобар ментор за време на натпреварот самите учесници го избраа Александар Бојковски од компанијата Symphony Solutions.
Првопласираниот тим работеше на развивање на поиновативна верзија на алат кој веќе го користат астронаутите на Меѓународната вселенската станица, од причина што актуелната верзија има повеќе проблеми и досега предизвикала и оштетувања на станицата. Притоа требаше да ги земат во предвид специфичните надворешни и внатрешни влијанија, како и карактеристиките на различните видови на материјали. Одлуката на глобалната жири комисија ќе биде позната околу Нова година.
Во рамките на главниот настан, по 6-ти пат се организираше и натпревар за најмладите NASA Kids & Youth Space Challenge за сите на возраст од 4 до 14 години, со можност поискусните да се натпреваруваат на таканаречени “Младински предизвици” и да влезат во конкуренција со повозрасните. Кај помладите исто така беа прогласени едно прво и едно второ место, а третото место го делеа дури три дечиња меѓу кои и Дејан Зафиров, 5-то одделение во основното училиште „Ванчо Прке“ од Штип, за деца со посебни потреби кој со помош на неговата учителка Светлана Трнинкова изработи маска-планета.
Организаторите на најмалите им доделија и две специјални награди Young Space Brainiac и Rocketry Wizard. Сите учесниците имаа можност да разговараат со ексклузивни говорници од NASA, JPL, Google, Blue Origin и MIT кои со нив ги споделија своите искуства и знаења, а нивното виртуелно гостување на хекатонот го овозможи тимот на Њуменс Бизнис Акцелераторот.
Настанот е во организација на Њуменс Бизнис Акцелераторот и Фондацијата Голдилокс, а традиционално е поддржан од страна на Амбасадата на САД во Скопје.