Два кубански лека значително ја намалиле смртноста од корона вирус

Куба

Кубанските власти објавија дека употребата на два лека развиени од кубанските компании за биотехнологија довеле до значително намалување на смртноста од последиците на коронавирусот во таа земја.

Кубанските здравствени власти соопштија дека само два смртни случаи поврзани со ковид-19 биле регистрирани во изминатите девет дена, пренесе Ројтерс.

Владата во Хавана, која, според Ројтерс, се надева дека ќе го зголеми извозот на кубански лекови, рекламира разни кубански лекови кои помагаат да се спречат воспалителни инфективни процеси поврзани со корона вирусот.

Надлежните на карипската држава наведуваат дека двата лека особено помогнале во лекувањето на сериозно болни лица со ковид-19, односно во спречување на цитокинскиот синдром“ – опасна имунолошка прекумерна реакција на организмот, што предизвикува имунолошкиот систем да напаѓа здрави ткива заедно со вирусот.

Едниот лек е „итолизумаб“ – моноклонално антитело што се произведува во Куба и во неколку други земји, додека другиот лек е еден вид пептид развиен и првично тестиран од кубанската индустрија за биотехнологија при третман на втората фаза на ревматоиден артритис, пренесува Ројтерс.

„Околу 80 проценти од пациентите кои стигнуваат до критична состојба умираат. Во Куба се спасуваат 80 проценти од оние кои завршуваат во критична состојба“, изјави кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел на државната телевизија претходно оваа недела, пренесува Танјуг.

Ројтерс додава дека научниците предупредуваат дека се потребни обемни истражувања за да се добијат податоци за ефикасноста и безбедноста на овие лекови.

Кубанските здравствени власти, пак, велат дека експерименталната употреба ја намалила смртноста од ковид-19 на најголемиот карипски остров на 4,2 проценти, наспроти 5,9 проценти во регионот и 6,6 проценти на глобално ниво.

Куба, со околу 11 милиони жители, регистрирала 1.916 случаи и 81 смртни случаи од почетокот на пандемијата.