Два биса за Стефан Миленковиќ со „Профундис“: Скопје уживаше во безвременска концертна магија


Скопје, синоќа, во големата преполна сала на Филхармонија, ја имаше честа да го види, да го слушне и да ужива во виртуозното музицирање преполно со емоции на српскиот виолинист од светски ранг, Стефан Миленковиќ, во вториот дел од тешката програма ( П. И. Чајковски, Н. Паганини, К. Сен-Санс, Ж. Масне, А. Бацини и П. Сарасате) заедно со камерниот оркестар „Профундис“ од Скопје. 

Музичката вечер беше поделена во два чина, всушност два одвоени фрагменти кои сочинуваа една поголема целина исполнета со безвременската магија на виртуозот на виолината и умешноста на „Профундис“.

Самата глетка на членовите на Камерниот оркестар, облечени во црни тоалети и смокинзи,  беше доволна публиката да почувствува дека е сведок на иден спектакл, иако сè уште не беше свирена ниту една нота.

 

Оркестарот под диригентско водство на маестра Ѓургица Дашиќ храбро ја претстави оваа училишна лекција на уникатен концерт,  со Серенадата за Гудачи на Чајковски, која всушност ја подготви публиката за главната програма што допрва требаше да следи.

Секогаш насмеан, весел, како вечно момче, Миленковиќ, веднаш се предаде на свирењето на сложеното, но мегапопуларно ремек дело на Паганини, неговата „Кампанела“ , кој пленува со убавина, елеганција и неверојатна инвентивност на виртуозно писмо.

Композицијата е конципирана така што Симфонискиот оркестар извесно време свири, додека солистот – Стефан се подготвува, а потоа неговата магична оригинална виолина од 1783 година, изградена од Џовани Батиста Гвадањини, почнува да произведува уникатен звук.

Кога и да се набљудува концерт на Миленковиќ, се чини дека се лесно му оди  и дека секој би можел со малку труд да направи музика како него, но секако ова е сериозна измама.

Ретко талентираниот изведувач, едноставно совршен во својата изведба, свиреше брилијантно, како да ги откриваше сите можни звуци што виолината може да ги произведе.

Стефан Миленковиќ храбро и одважно го презентираше целиот концерт и убедливо доминираше, што е очекувано, концентриран, посветен, и на делата на останатите француски автори од програмата, популарни во музичкиот свет, ама кои беа сериозен залак речиси 40 ефективни минути.

Аплаузот беше толку огромен и силен низ целата голема сала, што Миленковиќ веднаш реши на публиката да и подари не еден, туку два значајни биса.

„Многу ви благодарам што дојдовте овде вечерва, тоа многу ми значи. На овој простор секогаш настапувам со посебни емоции“, првпат и се обрати солистот на публиката за време на бисот и откри дека сега ќе ја изведе Суитата бр. 3 „Алеманда“ од Јохан Себастијан Бах.

Сосема сам, без учество на Камерниот оркестар, Миленковиќ се истакна во кратката изведба на таа свита, а потоа новиот аплауз всушност значеше нов бис, и уште свита од Бах.

По следната маестрална изведба на спектаклот – Стефан Миленковиќ и целиот ансамбл, двочасовниот концерт беше брилијантно завршен.

Солистот, оркестарот, диригентот очигледно задоволни, но и публиката која со минути аплаудираше ентузијастички, емотивно и исполнето.

Можеби недостасуваше  Стефан цело време да биде присутен на концертот во целовечерен формат, бидејќи тука ја играше улогата на второто полувреме. Но, во последед период често настапува на тој начин. Скопје не беше исклучок, но не го намали чувството на исполнетост на возвишена класична музика, се додека не се судрите со фолк музиката и тарабуките кои ве следат од центарот на Скопје до дома.

Л. Сабит