Дутерте: Работата претседател не е за жени


 

Филипинскиот лидер Родриго Дутерте изјави дека работата претседател не е за жени заради нивните емоционални разлики со мажите.

Така ги отфрли шпекулациите дека неговата ќерка ќе го наследи следната година.

„Мојата ќерка не се кандидира. Ѝ реков на Индаи да не се кандидира, затоа што ја сожалувам, знаејќи дека ќе мора да помине низ она што јас го поминувам“, рече Дутерте на почеток на изградба на автопат, зборувајќи за својата ќерка Сари која ја нарече со нејзиниот прекар, пренесе Си-ен-ен.

„Ова не е за жени. Знаете, емоционалниот распоред на жените и мажите потполно се разликува. Овде ќе станете будала. Значи… тоа е тажна приказна“, рече Дутерте.

Филипините досега имаа две претседателки, Глорија Макапегал Аројо и Корасон Акуино.

Дутерте (75), како што наведува Си-ен-ен, е озлогласен поради коментари кои чест се сметаат за навредливи и сексистиќки, но неговата канцеларија обично неговите забележки ги нарекува наивни шеги.

И понатаму тој е исклучително популарен меѓу женските гласачи на Филипините.

Неговата ќерка Сара Дутерте-Карпио (42), која го наследи на местото градоначалник на Давао, се најде на првото место на неодамнешната анкета која бараше од јавноста да одбере пожелен кандидат од листата можни за изборите во 2022 година.

Две други жени, потпретседателката Лени Робредо и сенаторката Грејс По, беа хипотетички кандидатки, додава американската телевизиска мрежа.