Дурловски не издржа во Собранието – се откажа од пратеничкото место


По два месеци поминати како пратеник Игор Дурловски се откажа од своето место во Собранието. Во објаснувањето на својот потег преку статус на Фејсбук тој вели дека „политичката прагма станува поважна од моралот“, иако не кажува конкретно на што и на кого мисли. Иако вели дека тоа што го зборувал сега не можел да го направи.

„Националните интереси, правда за неправедно прогонетите и нормална држава за нашите деца беа/се мои приоритети. Пратеничката фотеља боде кога политичката прагма станува поважна од моралот. Затоа, го напуштам Собранието на Република Македонија, а на колегите од Коалицијата ‘За обнова на Македонија’ им посакувам истрајност, доследност, мудрост, којашто сум сигурен дека ја имаат. Тоа што го зборував не можам да го направам, но сега нема да зборувам, а ќе продолжам да го правам! Останувам доследен на моите поддржувачи и нивниот глас“, напиша Дурловски на Фејсбук.

Игор Дурловски, по професија оперски пејач, беше носител на вмровската коалиција во Петтата изборна единица. Опозицијата веруваше дека со него на чело на листата, како еден од предводниците на неколкумесечните протести пред Собранието кои завршија со крвавиот упад на 27 април 2017 ќе привлече голем број гласачи. Сепак, тој не успеа како предводник на листата да му донесе победа на ВМРО-ДПМНЕ во Петката, туку заостана зад Радмила Шекеринска од коалицијата „Можеме“. Дурловски во Собранието за овие месеци беше комплетно неактивен освен што доаѓаше на седници. (Н.В.)