Дури 84 отсто од граѓаните на Србија се против санкции за Русија

Новата анкета покажуда дека само 36 отсто од Србите поддржуваат влез во ЕУ, додека 44 отсто се против


 

Огромно мнозинство српски граѓани се против воведување санкции против Русија, членство во НАТО и членство во ЕУ, доколку услов за тоа е признавањето на Косово, покажува истражувањето на Новата српска политичка мисла (НСПМ), објавено во новиот број на „Неделник“.

Расте бројот на граѓани кои сметаат дека не треба да ѝ се воведуваат санкции на Русија, а овој став сега го имаат 84 отсто од граѓаните. Дури 60 отсто од граѓаните велат дека тоа не треба да се прави дури и ако Европската унија ѝ се закани на Србија со санкции, додека 19 отсто од анкетираните велат дека во тој случај треба да се одобрат санкции.

На прашањето кој треба да биде главен надворешно-политички партнер и поддршка на Србија, 35 отсто од испитаниците не знаат што да одговорат, околу 25 отсто наведуваат Русија, а 21,4 отсто ЕУ или Германија.

Нешто повеќе од 36 отсто од граѓаните поддржуваат влез во ЕУ, додека речиси 44 отсто се против, но ако услов за тоа е признавањето на Косово, тогаш 82 отсто се против.

Огромно мнозинство од 88 отсто од граѓаните на Србија се против влез во НАТО, а повеќе од 55 отсто од граѓаните се за „Отворен Балкан“.

Кога станува збор за рејтингот на партиите, истражувањето покажа дека сега повеќе од 42 отсто од луѓето би гласале за Српската напредна партија, 9,4 отсто за социјалистите, околу осум отсто за опозицијата без разлика на партијата, 6,1 отсто за Нова ДСС и новооснованата Србија центар речиси шест отсто.

Според ова истражување, повеќе од пет отсто од граѓаните би ја поддржале Партијата за слобода и правда, Акција 4,8 отсто, додека рејтингот на Заветници е 3,8 отсто од анкетираните.