Дури 79 полицајци земени како заложници во Колумбија


За време на протестите во јужната колумбиска провинција Какета, еден полицаец загина, а 79 беа земени како заложници, јавува Би-би-си. Насилството на протестот избувна вчера кога жителите блокираа неколку згради во сопственост на нафтената компанија „Емералд енерџи“.

Тие побараа поправка на постојните патишта и изградба на нови. Заедно со полицаецот на протестот загина и еден цивил, а демонстрантите како заложници зедоа и девет вработени во нафтената компанија. На снимката што ја објави Би-би-си се гледаат заложниците како седат во мала соба на столови и на подот.

Колумбискиот претседател Густаво Петро изјави дека се надева оти заложниците ќе бидат ослободени пред да ескалира насилството и го повика Црвениот крст на помош. Многу од демонстрантите припаѓаат на индиски племиња од руралните области и бараат од „Емералд енерџи“ да изгради нова патна инфраструктура во областа Сан Висенте дел Кагуан.