Дури 75 отсто од вработените во градинките се вакцинирани


Додека последниве недели се намалува темпото на на вакцинацијата во државата, бројката на вакцинирани меѓу вработените во градинките постојано расте. Според денешните последни податоци од Министерството за труд и социјална политика дури 75 отсто од вработените во градинките се вакцинирани, од кои огромниот број со две дози. Бројката е поголема кај оние структури кои работат непосредно со децата – вакцинирани се 76 отсто од негувателите и 78 отсто од воспитувачите.

Од Министерството велат дека редовно водат евиденција за бројката на имунизираните лица во градинките и нагласуваат дека таа во последниве недели постојано расте. За да се зголеми стапката на вакцинација Министерството организирало онлајн состанок на вработени во градинките со претседателот на Комисијата за заразни болести, д-р Жарко Караџовски на кој се разговарало за придобивките од масовната имунизација.

Во моментов градинките згрижуваат над 19.000 деца (иако капацитетот според утврдениот протокол за функционирање на градинките во време на пандемија е 28.000). Според последните податоци од нив позитивни биле само девет деца. Во градинките има 5.200 вработени и според последните податоци позитивни биле 16.