Дури 74 проценти од наставниците сметаат дека е неопходно да се подобри квалитетот на учебниците и другите наставни материјали


Фото: Б. Грданоски

За подобрување на квалитетот на учење неопходно е да се подобри квалитетот на учебниците и другите наставни средства и дури 74 проценти од наставниците истакнуваат дека е потребно да се подобри нивниот квалитет, истакна Ајше Ајрулаи, раководител на сектор во Бирото за развој на образованието за време на гостувањето во дебатната емисија „Клик плус“ на ТВ 21.

Ајрулаи, како што соопшти Министерството за образование и наука, нагласи дека пред да почне исцртувањето на новата концепција за основно образование се консултирани други концепции, документи, направено е истражување на ставови на наставници и искуства од други земји, анализирани се најразлични концепти. Истражувањето на ставовите на наставниците покажало дека незадоволството од содржините на учебниците е навистина големо.

-Новата концепција за основно образование оди кон иновирање и на материјалите од кои ќе учат учениците. Учебникот е само едно од наставните средства. Се оди кон дигитализација и на учебниците со што наставата ќе стане поинтерактивна, рече Ајрулаи.

Фактот што наставните програми нема да бидат содржински насочени, туку ќе бидат насочени кон резултатите од учење, ќе им овозможи на наставниците слобода на користење различни методи и активности кои ќе поттикнат развивање на сите потенцијали и интереси на учениците. Ајрулаи објасни дека учењето нема да биде врзано само со еден извор и ќе може да користи различни извори за учење.

-Наставните материјали ќе ги изработуваат најискусните наставници и најискусните професори. Тие ќе бидат во електронска форма, а за учениците што немаат можност да ги користат електронски, ќе може да се испечатат, рече Ајрулаи.

Професорката Лена Дамовска од Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет во Скопје, истакна дека низа индикатори покажуваат дека на образованието во земјава му се потребни драстични промени, а меѓу нив се и постигнувањата на нашите деца кои се исклучително слаби и на дното на табелата во Европа, што е една од причините за креирање на новата концепција за основно образование.

-Имаме проблем во квалитетот на наставата и во усвојувањето на знаењата. Затоа, неопходно е да се фокусираме на педагошките стратегии, на начинот на кој нашите деца учат и ги стекнуваат знаењата и на амбиентот во кој се стекнуваат тие знаења. Сметам дека оваа концепција ќе даде системска поддршка на оние кои ја реализираат наставата и ќе биде квалитативен исчекор во однос на промоција на партиципативната педагогија, придонесувајќи кон тоа како децата активно да учествуваат во процесот на стекнување на сопствените знаења“, рече Дамовска, додавајќи дека целиот документ се повикува на меѓународни документи и стандарди, вклучително и на Конвенцијата за правата на децата.

Таа истакна дека основното образование е базично во секоја држава и знаењата кои се стекнуваат во тоа базично образование се најзначајни, нагласувајќи дека новата Концепција ќе значи и вложување во основните училишта, во опремување на лаборатории и во набавка на нови учебници, нагледни средства и материјали.