Дури 50 кривични против кичевчанецот што си ја уби ќерката, два пати лежел во затвор


Против 29-годишниот кичевчанец полицијата има поднесено 50 кривични пријави за сторени кривични дела велат од СВР Охрид. Тој во меѓувреме дури и два пати има одлежено затвор од кои еднаш со времетраење од 3 месеци а вториот пат 6 месеци. Од СВР додаваат дека веќе е спроведен во затворот во Битола каде е покрената истрага против него за сторено дело убиство за кое е предвидена казна затвор од 10 години до доживотна.

Станува за проблематично семејство со 7 деца. Она што е забележително е што тој ниту еднаш не бил пријавен за извршено семејно насилство па дури и за последниот кој заврши со смртни последици. Центарот за социјални работи- Кичево бележи само една пријава од пред 2 години каде поради недоразбирање на родителите жената со сите седум деца си заминала од дома.

„За случајот од 18.12.2023 ЦСР Кичево не е воопшто известен од страна на семејството , МВР и други институции. После настанот извршен е непосреден увид во домот на семејството, изготвено е решение за надзор над вршењето на родителското право за мајката со кое центарот ќе има редовен надзор врз извршувањето на родителските права и должности за останатите 6 деца“, велат од Центарот за социјални работи Кичево.

Засега не е покрената истрага против мајката која во првичниот момент кажала дека детето паднало при детска игра обидувајќи се да го сокрие таткото. Дали ќе има постапка против неа од полицијата не ја исклучуваат и таа можност со оглед дека мајката дала лажна изјава.