Дури 40 отсто од Македонија е под шуми, повеќе од Швајцарија – но деградирани се
Македонското еколошко друштво (МЕД) во соработка со Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN) спроведе дводневна национална работилница за одржливо управување со шумите, на која учествуваа околу 50 учесници.
Како што информира МЕД, директорот на регионалната канцеларија на IUCN Оливер Аврамовски потенцирал дека оваа работилница ја гледа како можност за зголемување на комуникацијата и соработката меѓу присутните чинители од различни сектори, а заштитените подрачја се камен-темелници на зачувувањето на природата.
Аврамовски, како што се наведува во сопштението, истакна дека во глобалната рамка за биолошката разновидност, една од целите е 30 отсто од котлините и морските еко-системи да бидат опфатени со заштитени подрачја и дека Македонија како земја потписничка на декларацијата треба да се стреми кон тоа.
Државната секретарка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство Даниела Иротова Лазарева ја потенцирала важноста на одржливото управување со шумите. Таа истакнала дека ресорното министерство потпишало повеќе меморандуми за одржливо управување со шумите и дека секојдневно се работи на предвидување на нови мерки кои ќе водат кон обновување на шумскиот фонд, како и санација на опожарените шуми.
Професорот Николчо Велковски од Шумарскиот факултет од Скопје презентирал каква е тековната состојба со шумите во државата.
– Најголем дел од шумите се листопадни, односно 59 отсто, а останатите се мешани и иглолисни. Најзагрозени се иглолисните шуми, а една од причините за тоа е што климатските прилики не се во нивна полза. Тој вели дека 40 отсто од територијата на државата е под шума, што е повисоко од нивото во земјите од Европската Унија, па дури повеќе и од Швајцарија. Сепак, голем дел од нашите шуми се деградирани или се во фаза на деградација. Само 30 отсто од шумите кои ги имаме се високостеблени шуми, додека 70 отсто се нискостеблени и дреградирани шуми и нивната биолошка разновидност е слаба и имаат слаб потенцијал за обновување, се вели во соопштението.
Оваа работилница се организира во рамки на проектот „Иницијатива северни шуми – обновување на шумите во Македонија и Албанија“, што се реализира заедно со PPNEA од Албанија и регионалната канцеларија на IUCN за Источна Европа и Централна Азија, а е целосно поддржан од Шведската поштенска фондација.