Дури 20 отсто од новите инфекции се со британската мутација, вели Филипче
Британската мутација на корона вирусот е веќе сериозно присутна во Македонија. Дури 20 отсто од дијагностицираните случаи во изминатите денови имаат британска мутација на вирусот, изјави вечерва министерот за здравство, Венко Филипче, во емисијата „Клик плус“ на ТВ21. Но засега нема потреба од дополнителни рестриктивни мерки, рече тој.
Филипче соопшти дека е голема заинтересираноста за вакцинирање и дека досега 30.000 граѓани се пријавиле на апликацијата на веб-страницата „Vakcinacija.mk“.
Според него, шеесет до седумдесет отсто вакцинирано население може да ја смени сликата на пандемијата. „Секаде во светот, во навистина многу малку земји со исклучоци, вакцините не пристигнуваат ниту со посакуваната, ниту со потребната брзина“, рече Филипче и најави дека следната недела ќе биде потпишан драфт договор со компанијата „Фајзер“.
Во однос на временскиот опсег за тоа колку време вакцината штити од инфекција, Филипче посочи дека од она што досега се знае, станува забор за период од 6 до 9 месеци.
Филипче уште изјави дека нема да се кандидирал за лидер на СДСМ на претстојните внатрепартиски избори затоа што „сегашниот претседател добро ја извршува својата работа. Заев покажа врвни резултати“.