Дури 17 играчи од еден клуб на списокот за Светското фудбалско првенство во Катар


Никогаш во историјата на фудбалот ниту еден клуб не испратил толку многу играчи на Светското првенство. На ова првенство во Катар, пријавени се 832 фудбалери кои се на списоците на земјите – учеснички.

До првиот натпревар остануваат уште пет дена, и веќе се знае кои играчи добија шанса да отпатуваат таму, да се изборат за довербата на своите селектори, односно за места на теренот.

Од тие 832 играчи, повеќе од половина ќе добијат шанса да играат, но има многу од оние кои одат таму за да бидат достапни доколку е потребно, особено откако репрезентативните списоци се проширија од 23 на 26 играчи.

Поради толку големата бројка, не треба да не чуди фактот што оваа сезона има рекорден број на играчи кои ќе ги испрати еден клуб. По 16 играчи на Манчестер Сити кои беа во Русија, овој пат дури 17 од нив доаѓаат од еден клуб.

Станува збор за германскиот гигант Баерн Минхен, чии 17 играчи играат за осум различни репрезентации.

За репрезентацијата на Германија, Баерн даде седум играчи (Нојер, Кимих, Горецка, Гнабри, Милер, Мусиала, Сане), на Франција четворица (Упамекано, Павард, Коман, Ернандез), а по еден на Камерун (Чуопо-Мотинг) , Мароко (Мазрауи), Сенегал (Мане), Холандија (де Лигт), Канада (Дејвис) и за Хрватска (Јосип Станишиќ).

Сити повторно има 16 играчи во првенството, како и Барселона, а зад нив е катарскиот Ал Сад со 15 играчи, од кои 13 играат за домашната селекција. Потоа следуваат Манчестер Јунајтед со 14 и Реал Мадрид со 13 играчи.