Дури 128 држави уште не почнале со вакцинација


Во цела Африка досега се вакцинирани само 20.000 луѓе. Во време на вакциналниот национализам тоа претставува срам за човештвото

 

Процесот на вакцинација на планетава е претворен во немилосрдна битка за некаков опстанок. Богатите, влијателните и поумешните го стартуваа процесот, а другите се во фаза на нестрпливо очекување. До денеска дури 128 држави во светот (меѓу нив и македонија) не го почнале процесот на вакцинација, што е огромен број и вистински срам за човештвото.

Овој податок денеска го објави поранешниот генерален секретар на Европската комисија и сегашен амбасадор на ЕУ во Виена, Мартин Зелмаер. Во својот твит тој нагласува дека претставниците на ЕУ треба да покажат „понизност и поголема солидарност“ со другите земји надвор од блокот и да направат вистинска стратегија во целата конфузија околу вакцинацијата. Дека меѓу нив се и Јапонија и Јужна Африка. И дека во цела Африка биле иноколирани само 20.000 дози.

Додека ЕУ е во кавга со „АстраЗенека“ околу непридржувањето на договорот за испорака на вакцините, а „Фајзер“ и „Модерна“ веќе најавија оти ќе ги намалат испораките во земјите на Унијата поради поради неможноста да произведат повеќе, Русија и Кина ја преземаат иницијативата за глобална превласт во вакцинацијата. И  на европско тло.

Руската вакцина „Спутник V“  почна да се дистрибуира насекаде. Белорусија потпиша договор со рускиот производител за 170.000 дози, од кои веќе пристигнаа 20.000. Унгарија и Србија исто така потпишаа договор со Русите. Јужна Америка е друга голема цел за руската вакцина. Аргентина потпиша договор за милиони дози, а Бразил ја разгледува можноста да почне лиценцно да ја произведува руската вакцина во земјата.

Кина веќе влезе на големо во Европа преку милионските дози испратени во Србија. Големиот број вакцинирани во Србија (до денеска бројката е 450.000) се должи токму на кинеската и руската вакцина. Унгарија, исто така склучи договор за испорака на кинеската вакцина на „Синофарм“. Како и Египет и Мароко, на пример. Другата кинеска вакцина „КоронаВак“ се испорачува во Украина, Филипините и Малезија, меѓу другите.

СЗО денеска информира дека вакцини од програмата Ковакс минатиот викенд биле испратени во голем број во 190 земји низ светот, но советникот во организацијата Брус Ајлвард не информираше во кои земји се случило тоа. Ниту пак колку дози биле во првата испорака. Но од СЗО велат дека предвидените количини за февруари и март веројатно ќе бидат помали од очекуваните поради намалувањето на производството. (Н.В.)