Дуплантис прескокна 6,30 метри и постави нов светски рекорд


Шведскиот атлетичар Арманд Дуплантис го собори светскиот рекорд во скок со стап по 14 пат во својата блескава кариера, откако денеска на Светското првенство во Токио прескокна 6,30 метри.

Дуплантис го обезбеди светското злато со скок од 6,15 метри, а потоа прескокна 6,30 метри во својот трет обид, поставувајќи нов светски рекорд по четврти пат оваа сезона.

Дваесетипетгодишниот Швеѓанец го држи светскиот рекорд од 2020 година, кога го собори остварувањето на Французинот Рено Лавилени со скок од 6,17 метри.

Французинот беше првиот што му го честиташе на Дуплантис денешниот подвиг во Токио, а за Лавилени ова Светско првенство беше последното големо натпреварување во кариерата.

Сребрениот медал во Токио го освои Гркот Емануил Каралис со скок од 6,00 метри, а Австралиецот Куртис Маршал освои бронза со скок од 5,95 метри.