Дуплантис прескокна 6,15 м. и го надмина рекордот на Бубка стар 26 години


Светскиот рекорд во скок со стап се сметаше за недостижен затоа што Сергеј Бубка, Украинецот кој скокаше за СССР, беше неповторлив.

Дваесет и шест години никој не успеваше да скокне со стап повеќе од 6,14 метри, сè до овогодинешниот митинг од „Дијамантската лига“ во Рим. Арманд Дуплантис влезе во аналите на светската атлетика.

Одличниот Швеѓанец победи на митингот во Рим со скок од 6,15 метри, што е највисок скок на отворено досега.

Дуплантис ја обезбеди победата со скок од шест метри, а потоа ја крена летвата на 6,15. Тој ја сруши во првиот обид, но беше успешен во вториот.

По Рене Лавилени, чиј светски рекорд во затворен простор (6,16 м) го сруши во февруари 2020 година, зголемувајќи го на 6,17, потоа на 6,18 м, Дуплантис го престигна „кралот“ Бубка.

Со скок од 6,15 метри, младиот човек со прекар „Мондо“ го постигна најдобриот скок досега на отворено. Се очекуваше 20-годишниот Швеѓанец да го нападне својот светски рекорд и во сала (6,18) од февруари оваа година, но тој сепак не го стори тоа.

Досега рекордот на отворено го држеше Сергеј Бубка, кој скокна 6,14 метри во 1994 година. Сепак, од 2000 година, Светската атлетска федерација не прави разлика помеѓу рекорди во скок со стап во затворени простории и на отворено.