Дуото Кејхан Калхор и Ердал Ерзинџан за крај на 19. ОФФест


На последната вечер на 19. ОФФест во Македонската филхармонија, во 19 часот, ќе настапи виртуозното дуо на иранскиот маестро Кејхан Калхор  и турскиот инструменталист Ердал Ерзинџан.

Ова е нивно прво претставување пред македонската публика.

Добитникот на наградата Греми и наградата Womex Artist Award за 2019 година Кејхан Калхор (Kayhan Kalhor) се смета за најголемиот светски мајстор на иранското ќемане (персиска виолина). Меѓу сите негови бројни проекти и уникатни соработки што го привлекoa вниманието на публиката низ целиот свет, секако едно од највозбудливите е дуото со познатиот турски виртуоз на инструментот баглама Ердал Ерзинџан (Erdal Erzincan). Нивниот заеднички албум „The Wind” беше објавен за ECM во 2006 година и оттогаш оваа соработка е непрекината и жива.

Класичните музички традиции на Персија и на Отоманска Турција што ја инспирираат музиката на Калхор и Ерзинџан имаат многу заеднички нешта, вклучувајќи го и древниот модален композициски систем познат како „макам“, а идејата за импровизација игра огромна улога во нивните духовно и емотивно моќни настапи. Нивната музика е сосема модерна и настојува да го вовлече слушателот во своето кралство на трансот, со преплетување на екстатичните ритми и сензуалните мелодични фрази. Резултатот е збир на инструментални композиции коишто се влеваат една во друга како едно континуирано дело, со нежно лебдечки премини во кои двата инструмента одекнуваат и импровизираат на различни фрази, се вели во прилогот на организаторите за вечерашниот концерт на ОФФест.