Дуковски: Знаевме дека ќе биде вака брутална казната


Фото: Б. Грданоски - Илустрација

Денешната пресуда беше очекувана од почетокот на овој судски процес. Знаевме дека ќе биде вака брутална казната и оваа пресуда најмалку се заснова на докази, изјави по објавувањто на пресудата за „Рекет“ бранителот на неправосилно осудениот Бојан Јовановски, адвокатот Сашко Дуковски.

Тој посочи дека немало изготвено вештачење, а судот во образложението на вината  се повикувал на некои докази.

– Мене навистина не ми е јасно на какви докази, но тоа е тоа. Овде не завршува нашата борба и мислам дека е не фер, кога на крај беше спомнато дека во судот во Стразбур била одбиена времената мерка, требаше да дополни судијата дека навистина е одбиена, но прифатена е апликацијата, изјави Дуковски.

Во однос на тоа дали обвинителството докажало каде завршиле парите, Дуковски, рече дека има снимка на која три секунди се гледаат пари, а после тоа еден лик носи ташна, како да е перо во рака.

– Дали знаете дека за најобичните предмети ширум судовите во Македонија за најобичен поткуп од 50 евра на сообраќаен полицаец се обележуваат парите и се фаќаат. Дали мислите дека, доколку тоа навистина така се случило, Бојан Јовановски не би бил снимен од камерите и веднаш уапсен. Ова е една конструкција од самиот почеток, со голема помош на соизвршителот, кој влегува и излегува од притвор кога сака и како сака. Се применуваат апсолутно двојни аршини, изјави Дуковски.

Во САД, рече тој, речиси изби војна за кривично дело убиство коешто го виде цел свет и кое е неколкукратно потешко кривично дело од ова.

-Обвинетиот излезе од притвор за три дена со 750.000 евра гаранција, што споредувајќи со стандардот кај нас и во САД станува збор некаде за максимум 100.000 евра. Ние понудивме кауција од 140.000 евра, но тоа очиглдно не беше доволно. Затоа, реков, Америка не знае што е право, значи таму не владее правна држава, а ние си имаме посебно, само за нас познато право и затоа по 11 месеци треба да го држиме обвинетиот по секоја цена во притвор. И, особено во ситуацијата во која спрема двајца од истиот предмет се определени поблаги мерки, а кон него постојано се определува потешка мерка, рече Дуковски.