Дуковски тврди дека некој му се заканувал на Боки 13


Фото: Б. Грданоски

Адвокатот Сашо Дукоски тврди дека денеска пред давањето исказ во Јавно обвинителство имало закани кон Бојан Јовановски на неговиот телефон. Непознат машки глас околу 10 часот и 50 минути се јавил на мобилниот телефон на Дукоски и почнал да се заканува и да го навредува Јовановски.

-Ми рече нека пази добро што зборува таму каде што е дојден. Соговорникот, чиј глас не ми е познат, зборуваше чудно – изјави Дукоски.

Адвокатот на Боки 13 вели дека тој денеска во Основното јавно обвинителство давал исказ во врска со кривичните  пријави што ги поднесе според членот 359 од КЗ , и тоа за злоупотреба на службена положба и овластување, давање лажен исказ, како и за противзаконито влијание.Јовановски за следната недела најавува уште четири нови кривични пријави.

На оваа информација реагираше портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, оценувајќи дека ова била директна закана за убиство.

-Ова е кривично дело и ги повикуваме институциите веднаш да реагираат.Го повикуваме ЈО веднаш да постапи согласно своите надлежности и да ги открие заканувачите.Зошто, и покрај ваквите закани по неговиот живот и животот на неговиот адвокат, продолжувањето на исказот на Боки 13 е закажан за 3 јули, а не во разумен рок.Зошто се остава толкав простор помеѓу првиот и вториот исказ и дали со тоа не се остава простор за можно влијание врз Боки 13 и неговиот втор исказ, праша Стоилковски.