Дуковски: Неразбирливо е зошто не нѝ дадоа увид во исказот на Кичеец

Првоосомничениот во предметот „Рекет“, Бојан Јовановски, денеска четири часа вршеше увид во доказите во Обвинителството за организиран криминал и корупција. Јовановски беше донесен од затворот во Шуто Оризари со полициска придружба во Обвинителството, а потоа така и си замина. По увидот неговиот адвокат, Сашо Дуковски, рече дека увидот ќе продолжи и следните денови.

Според него, доказниот материјал не е обемен, ниту по квалитет ниту по квантитет. Потврди дека видео и аудио снимките кои ги виде јавноста, се дел од доказниот материјал.

– Има исказ на сведок, парични средства, тоа можам да го кажам затоа што цела Македонија и пола свет го виде – рече Дуковски.

На новинарско прашање дали и по увидот во доказите е уверен дека Јовановски е невин, Дуковски рече:

Тешко мене ако по ова треба да формирам мислење, но некои работи се појасни и ќе настапуваме во тој правец – посочи тој.
Дурковски додаде дека не видел искази на политичари, а дека на одбраната не ѝ бил дозволен увид во записникот од сослушувањето на второосомничениот Зоран Милевски Кичеец.

-Не нѝ беше дозволен увид со образложение дека тоа можеме да го побараме од неговите бранители. Неразбирливо, затоа што истрагата е веќе готова. Колку што знам, тој се брани со молчење, но ме чуди зошто не можам да го видам тој исказ. Едно е сослушување на сведок, кое обвинителството е должно да ми го даде, а друго сосема различно е статусот на граѓанин од кого се собираат информации, тоа не ми е дадено. Не дека ќе ми помогне или одмогне, но не ми е јасно зошто не можам да го видам записникот на соосомничениот – рече Дуковски.