Дуковски: Боки 13 има нефункционален бубрег, не го пуштаат во болница


Фото: Б. Грданоски

Откако е во притвор Бојан Јовановски, попознат како Боки 13, 30 пати бил на медицински интервенции и сите извештаи на медицинските лица велат дека тој мора да биде итно хоспитализиран, но затворскиот лекар тоа упорно го одбива, појасни денеска на прес-конференција неговиот адвокат Сашо Дуковски.
„Здравствената состојба на Јовановски е животозагрозувачка. Предупредувам на можни сериозни последици од ваквото однесување на судските и медицинските органи. Бојан Јовановски има неколку сериозни болести, а особено сериозни се последиците од лекарската грешка по извршената операција подврзување, намалување на желудникот. Таа операција е неуспешно изведена два пати, а последиците Јовановски ги чувствува сега. На 2 октомври имавме медицинска препорака за санирање на оваа здравствена состојба, дека е неопходна негова хоспитализација на клиника. Затворскиот лекар од затворот Шутка тоа не го дозволува иако лекарите од клиниките бараат хоспитализација. На 14 октомври добиваме нови извештаи од болницата „8 Септември“ и од една универзитетска клиника во Скопје во кои е констатирано дека Јовановски има еден нефункционален бубрег, задебелување. Бојан добива антибиотска терапија, која мора да биде извршена во клинички услови, но тоа не се прави. На 3 ноември Јовановски повторно се упатува на преглед во „8 Септември“ од каде имаше сериозно предупредување до затворските службеници за тоа дека мора да почне антибиотска терапија. Конечно на 5 ноември тоа почна да се спроведува. Но, судските органи упорно одбиваат да издадат решение за хоспитализирање на Јовановски. Ова се сериозни прекршоци на основните човекови права“, изјави Дуковски и најави поднесување на неколку кривични пријави за сурово и нечовечко однесување.