Дука: За подобра патна инфраструктура во Дебар, обезбедени 65,9 милиони денари


За изградба, реконструкција, одржување и заштита на локалните патишта и улици, општина Дебар годинава планира да потроши 65,9 милиони денари за подобрување на патната инфраструктура, што е за над 14,3 милиони денари повеќе споредено со потрошените средства минатата година.

-Најголем дел од средствата или 16,5 милиони се донација-Светска банка, 12,5 од министерството за локална самоуправа-Биро за регионален развој, 10 милиони се планира да се обезбедат од партиципација на општината и месното население, 9,5 милиони други донации, 7,9 од Центарот за развој на југозападниот плански регион, 6,5 се капитални дотации од ЕЛС со буџетот на МТВ и три милиони од Јавното претпријатие за државни патишта, изјави за МИА градоначалникот Хекуран Дука.

Најголем дел од планираните средства, односно 48,8 милиони ќе бидат за изградба и реконструкција на патишта и улици во градот.

Од нив 16,5 милиони ќе бидат наменети за реконструкција на уличната мрежа во населбата „Венец 1“, за реконструкција на улица „Еќерем Зенго“ 11,5 милиони, додека останатите за изградба и реконструкција на други улици во градот.

За изградба на општински патишта планирани се средства во износ од 11,6 милиони од нив 5,6 милиони за изградба на паркинг простор во село Горно Косоврасти, 5 милиони за изградба на локален пат за село Долно Косоврасти и милион денари за изградба на други патишта во општината.

-Oваа календарска година ќе биде година на капитални инвестиции.

Планираме реализација на проекти од областа на инфраструктурата, пред се патната, како во градот, така и во населените места. Ќе бидат реконструирани многу улици со што секој дел од градот ќе ја добие потребната инфраструктура. Оштетените патишта и ударните дупки ќе останат во минатото, вели Дука.

Инаку, за зимско одржување на локални патишта и улици во градот и во селата, се планирани 1,5 милион денари, за крпење на ударните дупки на улиците 2,5 милиони денари, 500 илјади за поставување вертикална и хоризонтална сигнализација, како и милион денари за изготвување проекти и студии.