Дука: Одлуката на Владата за начинот на настава мора да се почитува


Одлуката на Владата за начинот на одржување на наставата во новата 2020/2021 мора да се почитува. Тоа значи дека наставата и во гимназијата треба да биде онлајн, изјави за МИА, градоналаникот на Дебар Хекуран Дука.

Тој додава дека донесената одлука од страна на Владата, по препорака на соодветните структури, не значи дека истата не може да се смени, а сето тоа секако ќе зависи од текот на епидемиолошката состојба со Ковид-19.

– Ние како локална власт, ја доставивме одлуката на Советот на општината, како основач на училиштата, со која се бара настава со физичко присуство на учениците во двете деветолетки „Пенестија„ и „Ристе Ристевски“ и гимназијата „28 ноември“, за што чекаме одговор, посочи Дука.

Незадоволни од одлуката на Владата за онлајн настава дебарските гимназијалци вчера ја бојкотираа наставата а денес одржаа протест.

Тие сметаат дека одлуката е неправедна бидејќи нивното училиште располага со доволен простор, а превземени се и сите потребни мерки предвидени со протоколите за заштита од Ковид-19.

Како што на протестот информираше директорот Рамадан Имери по барање на Советот на родители и потписите на учениците донесена е „храбра и мудра одлука“ со која од понеделник 5 октомври во гимназијата почнуваат со настава со физичко присуство во две смени,со запазување на сите протоколи.