ДУИ тргна од Преспа, заврши во Охрид


Лидерот на ДУИ, Али Ахмети заедно со носителите на листи по изборни единици денеска пред Собранието одржа прес-конференција на која уште еднаш ги повика граѓаните да ја поддржат нивната идеја за прв премиер Албанец, говорејќи и за црвените линии на партијата за иднината на земјата.

„Кампањата за изборите на 15 јули ја започнавме во Преспа, а ја заокруживме синоќа во Охрид, не случајно. На Изборниот конгрес на ДУИ минатата година ги определивме нашите црвени линии за иднината на земјата и на граѓаните, а тие се потполната еднаквост, интеграцијата во НАТО и ЕУ, а тoа се постигнува преку Охридскиот, Преспанскиот и Договорот за добрососедство од кои враќање назад нема.  На овие избори, како дел од моето наследство во создавањето политика во оваа земја ја актуализиравме идејата за изборот на првиот премиер Албанец на нашата заедничка земја, идеја која датира од нашиот втор Изборен конгрес од 17 декември 2009 година во Скопје“, рече Ахмети.

Според Ахмети, неговото наследство е градењето камен по камен на тврдината на потполната еднаквост на Албанците и на другите во нашата евроатланска земја.
„Денес дојде време да го поставиме и последниот камен во ѕидовите на тврдината за да ја отстраниме етничката хомогенизација и да им ставиме крај на предрасудите. Оваа идеја, оваа иницијатива за отстранување на сите пречки во насока на потполна еднаквост, наиде на невообичаени, избрзани и необјасниви реакции“, додаде тој.
Според него, нивниот кандидат за премиер Насер Зибери има многу поголемо искуство отколку двајцата други кандидати и нема ниту еден скандал зад себе, но секаде е почитуван.
Повикувајќи ги граѓаните да гласаат за број 9, Ахмети порача:

„Оваа цел не е само сон, оваа цел се остварува затоа што ние седум пати меревме и еднаш пресековме, затоа обединете се сите околу бројот 9 и дајте ѝ крилја на новата генерација за да го заокружи нашето наследство на потполна еднаквост. Ние се осмеливме, обединете се и заедно ќе напишеме историја за да ја изградиме иднината“.