ДУИ со ветинг ќе ги вади буренцата од пиштолите!?

Демократската унија за интеграција е искомпромитиран политички субјект со цела редица партиски првенци без кредибилитет и во моментов изгледа пресмешно таа да биде гласот на разумот и промотор на решението за ветинг на државно и партиско ниво – е генерална оценка на политичките набљудувачи во земјата. Ветингот, според нив, е сериозен институционален процес со кој се спречува компромитирани или корумпирани лица да имаат пристап до важни функции. Него може да го спроведат само политичари отпорни на корупција која е системски и партиски спонзорирана.

Повод за ваквите реакции е тет-а-тет средбата меѓу премиерот Зоран Заев и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, по која сепак остана нејасно дали и каков договор падна меѓу коалициските партнери за реконструкција на Владата. Она што е видливо е дека исчезна зборот „метла“ од јавниот дискурс, кој за ДУИ беше навредлив и понижувачки за нивните кадри, а на површина излезе ветингот. Ахмети и пред средбата изјави дека останува на барањето за проверка на пратениците и функционерите кои вршат јавна дејност и дека барал совети како тој да се примени со што, според него, ќе се спречеле нападите кон функционерите и ширењето лажни вести.

Од партијата најавија и внатрепартиски ветинг. Како што вели организацискиот секретар Артан Груби, ќе се проверуваат членовите со цел да се утврди дали некој од нив е дилер, криминалец, рекетар. За такви ќе немало место во ДУИ. Проверката на членството на ДУИ, од кое треба да се изнедрат партиските функционери, ќе го вршат потпретседателите Изет Меџити, Теута Арифи, Невзат Бејта и Садула Дураку, при што последниот е еден од најкритикуваните министри во владата на Заев. Тој долго време беше невидлив за граѓаните и покрај тоа што го води ресорот животна средина.

„Предлогот на ДУИ за т.н. ветинг во нивната партија и во државните институции е евтин политички трик“, смета граѓанскиот активист и аналитичар Арменд Нухиу.

Според него, тие што се посочени дека треба да го спроведат ветингот во партијата одамна го имаат изгубено кредибилитетот, нагласувајќи дека за лидерот на партијата Али Ахмети се води предистражна постапка за случајот „Попис“, а на суд е и координаторот на пратеничката група Ејуп Алими и сопартиецот Исмет Гури за уништување изборен материјал во случајот „Титаник 3“.

„Изгледа пресмешно луѓе, од кои јавноста бара да си заминат од високите државни и партиски функции, да ги оценуваат квалитетите на други партиски членови. Она што треба да го направат е, по серијата лоши политики и скандали, самоиницијативно да се повлечат од политичкиот живот, а не да бидат дел од некаква кадровска комисија која ќе одлучува кој е подобен, а кој не за извршување некоја функција. Тоа може да го прави исклучиво некој што има кредибилитет на отчетен и одговорен политичар“, вели Нухиу, кој забележува дека секогаш кога и гори под нозе на партијата измислува некакви амбициозни проекти со кои смета дека ќе ја анимира јавноста.

Тој не верува, како што вели, во приказните дека партијата кај која редовна појава стануваат случаите кога членови меѓусебно или со трети лица проблемите ги решаваат со пукање (за кои искуствата покажуваат дека знаат да завршат и кобно за учесниците) решила поинаку да функционира. Со политичка реклама за т.н. ветинг не се вадат буренцата од пиштолите. Се потсетува притоа на Ваљон Беља, економскиот директор на Клиниката за гинекологија кој на крајот од минатата година доби куршум во нозете во скопски Чаир. Се паметат и убиствата во 2015 година на високо позиционираните функционери на ДУИ, Џемаил Реџепи, алијас командант Шкипоња (главниот кандидат за претседател на ДУИ во Куманово) и, ден потоа, на заменик-директорот на УЈП, Аргетим Асани, во Струга, кој немаше никакво искуство или експертиза во сферата на даночната политика, но важеше за близок човек на Ахмети.

Мотивите за вакви крвави разрешници останаа неразјаснети. Без судска разрешница, на пример, останаа низата инциденти во кои учествуваше функционерот на ДУИ, Беќир Асани кој, пак, важи за близок на потпретседателот и градоначалник на Чаир во два мандата Изет Меџити, еден од групата која ќе треба да одлучува за подобноста на кадрите.

Според политичките набљудувачи, не може да се пренебрегне фактот дека станува збор за функционери на партија што ја практикува власта речиси од 2002 година до денес. Токму затоа, велат, убиствата, тепањата новинари, палењата автомобили, бомби пред седиштето на партијата ја прават и партиската, но и македонската политичка реалност тешко сварлива. Интегративците тешко може, нагласуваат тие, да се одлепат од политиката на подземјето затоа што луѓето кои раководат со партијата од нејзиното формирање до денес, а сега најавуваат некаква генералка, го креираа таквото политичко поведение на локално и централно ниво. (Н.К.)