ДУИ прослави 20 години, Ахмети најмногу зборуваше за мирот


 

Во својот изборен бастион во Скопје, Чаир, Демократската унија за интеграција денеска прослави 20 години од нејзиното формирање. Се сечеше торта, а лидерот на партијата, Али Ахмети, одржа говор. Имаше многу гости, главно од членовите на владината коалиција.

Во својот говор Ахмети најмногу зборуваше за мирот во Македонија по Охридскиот рамковен договор со што дошла и еднаквоста. „Еднаквоста се унапреди во консензуалната демократија, која беше постигната преку двојното мнозинство на Бадентер, консензуалното донесување на буџетот, одлучувањето во Владата и Собранието, спречувањето на мајоризацијата и маргинализацијата, афирмација на позитивната дискриминација, заедничките консензуални кандидатури за претседател на државата, претседател на Собранието и неодамна и за премиер на нашата заедничка земја“, рече Ахмети.

За ДУИ има „црвени линии“, рече Ахмети, а тоа се Охридскиот договор, Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство.

„Од овие црвени линии нема враќање назад и кој сака да биде партнер со нас, мора да ги почитува овие принципи“, рече Ахмети.

Тој уште еднаш ја потенцираше зелената агенда на ДУИ и објави дека ова лето ќе биде поставен камен-темелникот за Коридорот 8. Ток ѝ честиташе на Владата за овој чекор.

На прославата беа премиерот Димитар Ковачевски и министри, а и поранешниот премиер Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче. Беа поканети, но не дојдоа, Христијан Мицкоски и Зијадин Села.