ДУИ продолжува со кампањата идниот премиер да бил Албанец


Али Ахмети треба да им биде на располагање на обвинителите два дена за да му поставуваат прашања (Фото: Борис Грданоски)

Како ништо друго да не се случува во земјава Демократската унија за интеграција и денес продолжи со кампањата за промовирање на нејзината идеја следниот премиер на Македонија да бил Албанец. Иако досега сите партии од албанскиот политички блок ја отфрлија таа идеја. Со соопштение ДУИ ги повика сите Албанци и албански политички партии да застанеле зад таа идеја.

„Постигнавме многу во нашата историја како Албанци во Северна Македонија и секогаш обединети се боревме за заедничките цели. Како за време на војната така и за време на кризата. Сега е време пак да се обединиме за целта која е поважна од сите партии и поважна од секоја личност. Заедно, со обединети гласови на Албанците, на секој од нас, но и на другите, ова можеме да го постигнеме.

ДУИ ги повикува сите партии на етничките Албанци и сите албански граѓани да ја поддржат оваа национална кауза за албански престедател на владата“, соопштуваат од ДУИ.

Според партијата тој премиер ќе бил „премиер за рамноправност… за Албанците и за сите граѓани во државава“. ДУИ го поставува ова прашање пред албанските партии на начин кој од нив бара изјаснување за каузата: „Време е и сите албански партии да заземат став: дали се подготвени да се постројат на правичната страна на процесите за да се продолжи напред и да ја поддржат иницијативата за албански премиер“.

По првичната остра реакција на претседателот на СДСМ, Зоран Заев – дека премиерот го бираат оние што ќе обезбедат 61 глас во Собранието (а ако победи СДСМ тој ќе биде мандатар) и ако ДУИ инистира на оваа идеја тогаш нема да биде во идната влада – се јавија и некои од албанските политички партии. Потпретседателот на ДПА, Орхан Ибраими вчера изјави дека е „скандалозно, неподносливо, катастрофално и со трагични размери за Албанците, како после 18 години владеење, презаситено со корупција и потопено во национални и меѓународни афери, овој ‘лидер’ да продолжува со крајна нечувствителност и бесрамност да си игра со нашиот колективен интелект… Приоритет над приоритетите во Северна Македонија треба да биде воведувањето на консензуална демократија. Не верувам дека Албанците ќе ја дозволат оваа следна измама“, рече Ибраими.

Претходно лидерот на Беса, Билал Касами, исто така ја отфрли идејата на Али Ахмети и ја нарече „популистичка“. „Фрлањето на оваа идеја во овој момент повеќе може да се толкува дека ДУИ ќе оди во опозиција и е со цел тие да се оправдаат пред своите гласачи дека не добиле премиер од своите редови и мора да одат во опозиција. Не е спорно дека Албанците во иднина може да имаат премиер во Северна Македонија, но тешко дека ова ќе биде кадар на ДУИ сè додека тие не се борат против криминалот и корупцијата во нивната партија… Сонцето не може да се покрие со сито, исто како што неуспесите на ДУИ не можат да бидат покриени само со фрлање идеја за албанскиот премиер во временскиот контекст и политичкиот моментум во којшто се наоѓаме сега“.

Реагираше и Алијансата за Албанците, која, исто така, ја отфрли идејата на Ахмети. Алијасната му забележува на Ахмети дека избегал од Собранието на 27 април 2017 година кога се гласаше Талат Џафери да биде избран за негов претседател, а сега лицемерно заговара обединување на албанските граѓани за избор на премиер Албанец. (Н.В.)