ДУИ преку Беља се распука по СДСМ, па доби метла


Министерот за здравство, Венко Филипче вчера попладне го разреши економскиот директор на Клиниката за акушерство и гинекологија, Ваљон Беља, кој претходно со стручната директорка Викторија Јовановска влезе во меѓусебна војна и обвинувања за непотизам, криминал и партиски вработувања.

Според Беља, Јовановска незаконски спроведува тендери и фаворизира одредена фирма, при што во опасност ги доведува животите на новороденчињата. Тој тврди дека за своите откритија ги информирал управниот одбор на клиниката и двата директори на Фондот за здравствено осигурување.

„Договарањето на компаниите што вршат лабораториски тестови за секојдневна работа на Клиниката за гинекологија и акушерство е честа работа, но кога ќе ги оневозможите другите компании со фаворизирање само една компанија, која не само што е поскапа од другите, но и поради доцнењето на резултатите од страна на таа компанија може да влијае во животот на новородените, е најмонструозно дело. За жал ова се случува кога сте ја помешале медицинската професија со материјалните придобивки како приоритет. Преземањето на овие апарати од фармацевтски компании е во целосна спротивност, дури и строго забрането во согласност со одлуката објавена од страна на министерот“, наведува Беља.

Тој посочува дека во тендерот за микробиолошки тестови била вметната специфична спецификација што го исполнува само една фирма, но тоа оди на штета на клиниката, која наместо три илјади денари, за тестирање на новороденчиња плаќа 15.000 денари.

„Тестовите за одгледување на хемокултура како и молекуларните дијагностички реагенси, наместо да бидат понудени од други компании кои даваат резултат за само 30 минути, компанијата со која се договорила Јовановска, резултатите не може да ги обезбеди за половина час, туку за  3 дена или –  72 часа. Доцнењето на овие резултати кои се навистина важни за новороденчињата (особено тие кои предвреме се родени), може да влијае  самото новородено бебе да почине. Друго нелогично дејство е тоа што апаратот што го има доставено компанијата ‘Биотек’ е сместен во Одделението за интензивна нега, каде што се сместени новородените деца во инкубатори. Овој уред за микробиолошки тест претставува ризик, бидејќи може да предизвикува инфекција за бебињата со разни бактерии и вируси. Морам да истакнам дека само во периодот од 9 до 15 мај годинава, беа дијагностицирани шест бебиња со позитивна хемокултура и затоа и Санитарниот здравствен инспекторат направи вонредна контрола“, потенцира Беља и вели дека следните денови ќе објави нови незаконски дејствија.

Јовановска, пак, тврди дека тестовите за кои што обвинува Беља биле набавени со негова согласност и потпис и потврдени од Министерството за здравство, поради што е уверена оти нападите следуваат откако одбила да вработи две лица под партиска директива во неговиот кабинет. Посочува и дека другите тестови биле поевтини на прв поглед, но имале скриени трошоци и биле со послаб квалитет.

„Уценувањата да ги потпишам двете вработувања траеја една недела. Обвинувањата се од комплетно некомпетентна и нестручна личност за нашата фела, бидејќи тој не е медицински образован, туку е дипломиран политиколог“, посочува Јовановска.Беља одговори оти не е точно дека тој ги потпишал спорните тестови и нагласува оти договорот е парафиран во септември 2018 година, а тој бил назначен на позицијата еден месец подоцна.

Ресорниот министер Венко Филипче најпрво одби да ги коментира наводите на Беља, ниту, пак, неговите стручни квалификации, но најави оти итно ќе организира средба меѓу двајцата директори за да се види суштината на недоразбирањето.

„Крајно е несоодветно да се комуницира на таков начин и да се изнесуваат обвиненија. Не им доликува на луѓето кои извршуваат сериозни функции да ја нарушуваат довербата во здравствениот систем“, посочи Филипче, кој подоцна во текот на денот ни потврди дека го разрешил Беља.

Шокантните тврдења на Беља се доживуваат во политичките кругови и како порака од ДУИ до коалициските партнери, кои во моментов спроведуваат чистка во своите редови, па притискаат метлата да заигра и во Мала Речица. Ова е прво појавување во јавноста на економскиот директор на ГАК, притоа не мислејќи на инцидентите во кои што е инволвиран. Во декември минатата година, тој беше застрелан во населбата Чаир, но успеа да се спаси, бидејќи куршумите завршија во неговите нозе. Остана нејасно дали стануваше збор за внатрешен конфликт во ДУИ меѓу Беља и градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу. Всушност, Беља со години го следат контроверзии и насилни инциденти. Во 2010 година, како лидер на партијата Албански сојуз рече дека целта на неговата партија е да ја подели Македонија на три кантони, по што се спои со ДПА. Љубовта со Мендух Тачи траеше кратко, па беше претепан во Кондово од непознати напаѓачи. По преминувањето во ДУИ, Беља беше вработен во Општина Чаир. Остана запаметен кога во јуни 2016 во канцеларијата на градоначалникот Изет Меџити остави куршум завиткан во салфетка. Причина за оваа порака било неговото барање за подобра функција, односно сакал да биде поставен за директор на Пензискиот фонд.

Економските директори беа воведени пред 13 години со цел расчистување на долговите во клиниките, придонесување за подобри услови за работење на здравствените работници и подобар третман на пациентите . Тогаш втор менаџер добија сите клиники, институти и болници со над 1.000 вработени. Нивната плата во просек изнесува околу 90.000 денари. При вработувањето, од нив, на пример, се бара да имаат најмалку петгодишно искуство во економскиот сектор, само што огласи речиси никогаш нема, па станува јасно дека имињата се договораат на партиските седници. Во моментов, економски директори имаат петнаесетина здравствени институции.

Горан Адамовски