ДУИ прави култ на личност од Ахмети пред „битката“ во Чаир


Првиот вицепремиер и најблизок соработник на лидерот на ДУИ, Артан Груби, на својот Фејсбук профил го најави присуството на Али Ахмети на митингот закажан за утре во Чаир. Тој напиша дека сите чаирчани се на нозе и зборувале дека тој доаѓа и ќе оделе да го слушнат неговото обраќање.

-Ми недостигаше ваква мобилизација и еуфорија каква што се создава кога се очекува да дојде националниот лидер Али Ахмети. Ветувам невиден спектакл, особено за младите. Не пропуштајте го, зашто потоа ќе барате да слушнете од другите како беше да се биде дел од историскиот митинг од кој ќе се гради иднината, напиша Груби.Партијата и официјално го најави митингот во Чаир кај спортска сала „Шабан Трстен“а со почеток во 19:00 часот.

Нападен пи-ар за лидерот на ДУИ, Али Ахмети имаше и на состанокот што се одржа меѓу лидерите на Србија и на Косово, Александар Вучиќ и Албин Курти, при што од фотографиите што ги објавуваа неговите сопартијци функционери личеше како Ахмети да е главниот дипломатски „булдожер“, а не гостите од Вашингтон и Брисел.

Шефот на дипломатијата, пак, Бујар Османи заборави и кого преставува на средбата, па место да се однесува како министер за надворешни работи на Македонија се претвори во лична придружба на Ахмети, иако граѓаните го плаќаат да ја претставува државата а не партијата.   Практично на сите пи-ар фотографии што ги објави Османи тој е во друштво на Ахмети, а со премиерот Димитар Ковачевски се нашол случајно на иста фотографија  затоа што и тој застанал да поразговара со Ахмети.

Од партиските функционери на ДУИ беа објавени и фотографии како лидерот седи свртен кон езерото и гледа напред, како се гушка со сите странски гости и како го гледа во очи Курти, односно еден патетичен пи-ар кој, кога ќе ја добијат технички првата функција во државата пред изборите, може да забега до севернокорејска димензија, поради митот на личноста што некритички се гради околу првата фигура на партијата.    

Во тој стил ДУИ деновиве го промовираше слоганот „Да! Тој доаѓа“. Дали загатката со слоганот „Да! Тој доаѓа“ ќе биде решена в понеделник во Чаир со доаѓањето на Ахмети на партискиот собир со големи амбиции да биде голем? Неформалниот лидер на „огнените“ и потпретседател на партијата, Изет Меџити, вели дека ниту се поканети неговите приврзаници, ниту пак ќе одат на „собир на артанисти’“ кои за да покажат масовност токму во бастионот на „огнените“, ќе влечкаат сопартијци и административци од цела држава.

„Не сме поканети, тоа е собир на артанисти. Проблемот е што се тероризира јавната и државната администрација, им доставуваат списоци, им даваат до знаење дека мора да учествуваат на собирот, им се закануваат. Ќе носат луѓе од многу градови, од цела држава“, рече Меџити. Претходно тој изјави дека кампањата „Да! Тој доаѓа“ е одраз на паника во врвот на партијата под влијанието на Груби и дека всушност, Артан Груби си поигрува со авторитетот на Ахмети.