ДУИ обвинува дека била суспендирана двојазичноста во Скопје


 

Последните постапки на директорот на КИЦ во Скопје ДУИ ги оквалификува како суспендирање на двојазичноста во главниот град и дека тоа заеднички го направиле Алијансата за Албанците, ВМРО-ДПМНЕ, Беса и Левица.

Зборувајќи на шрес-конференција во Собранието, шефот на пратеничката група на ДУИ, Арбер Адеми, рече дека Алијанса за Албанците и Беса покажуваат политичка незрелост и го прекршувале Законот за употреба на јазиците за да поттикнат тензии. Според него, незаконски била отстранета употребата на албанскиот јазик во Културно-Информативниот Центар, институција во рамките на Град Скопје

„Овој чин на директорот на КИЦ предизвика многу реакции бидејќи со овој потег партнерите на коалицијата Алијанса за Албанците и Движењето Беса докажуваат политичка незрелост од една страна и од друга страна го прекршуваат Законот за употреба на јазиците кој е веќе во сила, со цел да ги поттикнат меѓуетничките тензии во време кога целиот континент страда поради војната во Украина. Ова може да биде само сценарио кое оди во прилог на Русија, како што беше и сценариото на мнозинството 61“, рече Адеми.

Тој исто така ја обвини и за други нешта оваа коалиција:

„Коалицијата ВМРО, Левица, Алијанса и Беса поттикнува штрајкови и ги остава на цедило децата и родителите за време на најтешката економска криза во континентот и по двегодишна пандемична изолација.

Алијанса и Беса им стојат мирно на Левица и ВМРО.

Алијанса и Беса се патерица на Левица и ВМРО.

Албанците и сите други не треба да се чувствуваат загрижени бидејќи ние сме тука и нема да дозволиме такви неспособни и квинслишки авантуристи да им наштетат на достигнувањата на Албанците“, нагласи Арбер Адеми.