ДУИ: Ниту еден Албанец заменик премиер не претседавал со седница на влада
ДУИ преку соопштение реагира дека функцијата прв албански заменик-премиер во актуелната Влада, според нив, е сведена на формална улога, без реална политичка и институционална моќ.Од партијата наведуваат дека од јуни 2024 година до денес ниту еден од лицата што ја извршувале оваа функција не претседавал со седница на Владата.Според ДУИ, Изет Меџити, Беким Сали и Арбен Фетаи имаат по нула претседавани владини седници, односно вкупниот број е нула.
„Функцијата може да се нарекува прв заменик-премиер, може да има канцеларија, кабинет, службено возило и протокол, но ако повеќе од две години не ти е доверено раководењето со ниту една единствена седница на Владата, тогаш легитимно е да се постави прашањето: што е ‘прво’ во оваа функција?“, велат од ДУИ.
Партијата оценува дека во претходните влади функцијата на замениците-премиери претставувала политички и институционален механизам за заедничко управување, додека сега, како што тврдат, е сведена на формалност.Од ДУИ посочуваат дека клучното прашање не е колку функции им се доделени на албанските претставници, туку колкава одлучувачка моќ реално имаат во извршната власт.
„Бројката е немилосрдна: нула претседавани седници со нула одлучувачка моќ“, наведуваат од партијата.
Во реакцијата ДУИ сепак не спомена дека последен што претседавал од оваа функција е Артан груби кој сега се гони за криминал и кој го искористи токму тоа право за да протне одлука со која направи проневера вредна околу 8,2 милиони евра при набавка на коцкарски машини.