ДУИ нема 80.000 гласа за Стево, ама ќе даде повеќе од првиот круг


Фото: Б. Грданоски

Три дена пред одлучувачкиот втор круг од изборите за претседател, коалициските партнери во Владата влегоа во уште недоразбирање, иако нејасно е кому тоа му оди во прилог. Овој пат тема е поставувањето на албанското знаме на Самуиловата тврдина во Охрид, што беше експресно санкционирано од полицијата и од судот. Вицепремиерот Бујар Османи ги оправда игроорците од Косово со објаснување дека согласно законот од 2011 година албанското знаме може да се постави каде било и кога било без последици. За разлика од него, премиерот Зоран Заев смета дека во законот јасно и прецизно се наведува каде и кога албанското знаме треба да се почитува.
„Се знае кога се користи знаме на етничка заедница и во какви околности и со кои димензии. Толку години зборуваме како се користи знамето, треба да се научиме да ги почитуваме законите“, реплицираше Заев. И од Владата дополнија: „Штом судската одлука е таква каква што е, очигледно дека постојат некои прекршувања на Законот за употреба на знамињата, а ние како влада не коментираме судски одуки“.
Дали казната е превисока?
Во законот за употреба на знамињата јасно е напишано дека албанското знаме може да се истакнува во локалните самоуправи, односно објектите од јавен и локален карактер каде што над 50 отсто од населението се Албанци, што не е случај со Охрид. Правниците што ги консултиравме велат дека во случајот е очигледно кршењето на Законот за знамето, но друга работа е дали казната од 1.100 евра и петгодишна забрана за влез во земјава е примерена или драстична. Со тоа се согласува и претседателскиот кандидат Стево Пендаровски, кој препознава обид за кревање меѓуетнички тензии во град каде што досега немало вакви препукувања.


„Немам докази, но мене ми е симптоматично што неколку дена пред вториот круг на избори се случува баш ваков настан. Се надевам дека ако има некаква организација зад тоа од кого било, не мора од државата, можеби и надвор од нашата држава и од регион, да не го прават тоа бидејќи Македонија има заземено добар курс во сферата на меѓуетничките односи. Не би сакал да верувам дека некои фактори, можеби надвор од нашата држава, сакаат да се кренат меѓуетничките тензии, како што за жал имавме случаи години наназад, кога имавме избори од каков било тип, кога на таа карта – кревање на меѓуетничките тензии, добиваат точно знаеме кои политички партии и оние што го предводеа претходниот режим и искористуваа шанса да се претставуваа себеси за големи патриоти“, рече Пендаровски.
Аналитичарот Кенан Алиу смета дека ниту овој инцидент ниту случајот со ИВЗ, како и пресудата за убиството на Никола Саздовски, нема битно да влијаат врз неделните избори кога е во прашање албанското гласачко тело бидејќи тоа, според него, е оформено.
„Којзнае кој стои зад тоа и кој има интерес. Тешко е без докази да ја обвинуваме власта дека игра некакви игри или дека опозицијата диктира настани преку свои структури во полицијата и во судството. Но сметам дека излезеноста во албанските средини, поточно поддршката што ќе ја добие кандидатот што го поддржува и ДУИ, Стево Пендаровски, нема битно да се разликува од таа што ја доби во првиот круг. Изјавите од ДУИ дека ќе донесат 80.000 гласа во вториот круг се многу потценувачки и иритирачки беа примени во албанската јавноста. Знаете, ако некој има во секој момент 80.000 гласа, тогаш очигледно е дека тие луѓе не ги смета за индивидуи, а се поставува прашањето и каде биле во првиот круг, дали ДУИ тактизирала или имала други цели? Што се однесува до Алијансата и до Беса, очекувам да стојат настрана, иако од тие 80.000 гласа што ги доби Блерим Река не се сите нивни поддржувачи, за него гласаа и неопределените партиски, па и помал дел симпатизери на ДУИ. Да заклучам, ДУИ не може да донесе 80.000 гласа за Пендаровски, но ќе има повеќе од првиот круг“, смета Алиу.
Алијансата: Како мислите, така правете
Алијансата за Албанците вчеравечер го донесе конечниот став околу вториот изборен круг. Гласовите на Река се и тоа како посакувани во штабовите на Пендаровски и на Гордана Силјановска.
„Свесни сме за тоа, но не можеме кон граѓаните да се однесуваме како кон контингенти. Тие самите одлучуваат дали ќе излезат на гласање и за кого евентуално би го дале својот глас“, велат соработниците на Зијадин Села.
Но, самиот Река, вчера повика на масовен одѕив на гласањето в недела. Тој вели дека ги почитува граѓаните и оти исклучиво нивно право е да одлучат кому ќе дадат поддршка.
„Јас не сум трговец со вашите гласови и нема да ве убедувам за кого ќе гласате оваа недела. Трговијата со вашите гласови е спротивно со мојот концепт за Републиката, особено со нејзиниот главен столб владеење на правото. Зошто тогаш се потребни избори, ако како досега во вториот круг за вашите гласови одлучуваат партиските лидери како обични трговци со гласовите на народот? Од моја страна, јас би ве замолил, на 5 мај масовно да гласате за да го спасите евроатлантскиот процес“, повика Река.
Внимание предизвика и анализата на Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии (ИФИМЕС) од Љубљана, според кој, одредени албански лидери соработуваат со руски агенти и со ВМРО-ДПМНЕ, како и со азилантот Никола Груевски.
„Не видовме докази ниту јас поседувам, но знам дека доколку кој било албански лидер работи спротивно на интересите на земјата за евроатлантски интеграции ќе биде отфрлен од Албанците, и тоа под итна постапка. Што се однесува до можната соработка на ДУИ, Алијансата или на БЕСА со ВМРО-ДПМНЕ, сè е можно во политиката и лично не би ме изненадило да флертуваат, дури и можам да го препознам тоа во одредени нивни постапки“, нагласува аналитичарот Кенан Алиу.

Горан Адамовски